Одбележани 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски-Даме
Гостивар, 16 ноември 2023 – Со пригодна манифестација на градскиот плоштад во Гостивар се одбележаа 100 години од раѓањето на Чеде Филиповски – Даме народен херој и учесник во Народно ослободителната војна.
Зборувајќи за овој борец, кој потекнува од гостиварско, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска потсети на неговиот придонес во ослободувањето на земјата и Гостивар по фашистичката окупација.
– Даме на 20 години имал непогрешливо чувство за војување и неизмерна храброст за јуришање во сите борби. Со таков јуриш, во првите редови, на денешен ден пред 79 години, влегол и во завршната битка за ослободување на Гостивар. Во неговата борба за слобода и во неговата претстава за слободна Македонија сите граѓани биле еднакви без разлика на нивната етничка припадност. И во тоа е големината, и тоа е што ги прави луѓето големи, рече министерката, Костадиновска-Стојчевска.
Таа меѓу другото посочи дека Владата и Министерството за култура негуваат посебен однос кон нашето антифашистичко минато и кон сите наши борци, народни херои, ослободители и дека работат на обновување на сите споменици од Народно ослободителната војна.
Секретарот на општина Гостивар, Зоран Крајоски во обраќањето напомена дека денешното организирање на овој културно-историски настан бил прифатен од Советот на општина Гостивар внесен во Годишната програма за култура за 2023 година.
– Врз основа на иницијативата и барањето за организирање на поднесени од страна на Мира Филиповска Бојковска, претседател на организацискиот одбор останатите на семејството, општина Гостивар се вклучи во одбележувањето и помогна во реализацијата организациските и програмските активности, рече Крајоски.
Актерот Ѓорѓи Нешкоски прочита дел од револуционерната биографија на Чеде Филиповски и потсети дека тој бил еден од организаторите на НОВ во мавровско-гостиварскиот крај и делегат на Првото заседание на АСНОМ.
Покрај обраќањата на внуката на Чеде, Мира Филиповска Бојковска, од говорницата се обрати и првиот човек на гостиварскиот сојуз на борци, Ратко Ѓиноски.
На видео ѕидот беше прикажан и документарен филм за народниот херој со сведоштва на негови соборци и роднини.
Манифестацијата беше заокружена со културно уметничка програма и настапите на женското трио „Шербет“ и ГАКУД „Браќа Ѓиноски“. Делегации на политички партии и институции оддадоа почит поколопување и полагање на свежо цвеќе на споменикот на херојот во малиот парк.
Коментарите се затворени.