Се бара простор за новата галерија, театарот останува во домот за култура
Гостивар, 16 ноември 2023 – При последната посета на Гостивар, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека ќе се продолжи со вложувањата во објектите наменети за културни дејности. Таа информираше дека од 2018 година се вложени и средства за подобрување на условите во Центарот за култура и најави дека идната година може да се реши и проблемот со затоплувањето на објектот.
– Како Министерство поддржуваме многубројни проекти од областа на култура и заедно со поддршката што ја даваме преку Националниот конкурс за финансирање на проекти односно преку годишната програма, вложуваме и во објектите кои се важни за развој на културната сцена, рече министерката.
Таа посочи дека изминативе години била направена санација на кровната конструкција и направена енергетски ефикасна фасада.
Прашана дали се размислува Театарот да има свој објект одвоен од Центарот за култура, Костадиновска-Стојчевска рече дека ова не е единствен случај каде што две установи функционираат заедно, но е позитивен пример за поефективно и поефикасно работење.
– Доколку некогаш во иднина се создадат услови за посебна зграда за Националната установа Театар Гостивар, секако дека ќе биде опција, додаде Костадиновска-Стојчевска.
На новинарско прашање за Националната установа Галерија Гостивар, министерката потврди дека е во фаза на формирање. Засега се решаваат административните процедури со што наредната ќе може да се аплицира на конкурсот за финансирање на проекти.
– Сега установата има само в.д. директор и Управен одбор. Тој Управен одбор треба да го заврши административниот дел на формирање, односно треба да направи статут и своја систематизација. Кога таа систематизација ќе ги помине сите филтри, последниот чекор ќе биде распишување на оглас за директор со мандат и понатаму веќе продолжуваме со она што ќе и треба на таа установа, рече министерката Костадиновска. Таа потенцира дека се бараат простории и нивно уредување
Делегацијата од владини функционери меѓу кои беше и заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи оствари средби со повеќе културни работници од овој град и членовите на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.
Коментарите се затворени.