Академија, изложба и културна програма за 18 Ноември: 79 години СЛОБОДЕН ГОСТИВАР
Гостивар, 17 ноември 2023 – По повод на ослободувањето на Гостивар 18 Ноември, беа организирани повеќе настани за одбележување на 79-годишнината од овој настан. Прославата започна со музичка и сценска изведба „Децата и младите за Гостивар“ во големата сала на ХЕС „Маврово, на која настапија деца од градинките и ученици од општинските училишта.
Главниот настан се одржа во центарот за култура „АСНОМ“ каде беше одржана академија на која се посочи важноста на датумот.
Секретарот на општина Гостивар, Зоран Крајоски честитајќи го празникот се осврна на значајот на Народно ослободителна борба и пожртвуваноста на учесниците до конечна победа над фашизмот.
– На гостиварци тој ден не им е даруван, подарен. За тој ден, за слободата и за подобро утре свои животи положиле наши предци, учесници во НОБ и отпорот, со пркос кон фашистичкиот окупатор и создавајќи пат за поколенијата кои доаѓаат, создавајќи достојна иднина на сите без оглед на нивната припадност. Затоа, ним треба да им припадне целосната слава и нашата благодарност, рече Крајоски.
Тој нагласи дека во антифашистички дух Гостивар и Република Македонија можат да опстанат и да останат доследни на себе како мултинационална и мултиконфесионална средина, со како што рече, отворени погледи, толерантна и полна со почит кон националните, религиските и културните богатства и разлики.
Претседателот на ОО на Сојузот на борци, Радослав Ѓиноски во неговиот реферат се осврна на стремежот на гостиварци да ја извојуваат победата и да ја стекнат слободата. Тој потсети и на некои моменти од историјата и последните денови за ослободувањето на градот.
Академијата беше уприличена со прогласувањето на најуспешните од конкурсот на гостиварската боречка организација што беше распишан по повод 18 Ноември. Пред почетокот, посетителите можеа да ја погледнат и изложбата од стари фотографии на гостивар и гостиварско од периодот помеѓу двете светски војни.
Настанот што го модерираше актерот Ѓорѓи Нешкоски беше збогатен со рецитал на група средношколки и настапите на бендот Фаворити, Мирослав Крстески и фолклорната група на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“.
Предлогот за организирање на овој културно-историски настан беше прифатен од страна на Советот на Општина Гостивар и беше ставен во Годишната програма за култура за 2023 година.
Коментарите се затворени.