Почна едукативниот проект „Безбедни училишта и меѓуетничка толеранција“
Гостивар, 14 декември 2023 – Близу две илјади ученици од средните училишта во гостиварско-тетовскиот регион се бидат вклучени во проект на СВР Тетово за спречување и превенција од насилно однесување и говор на омраза.
Од СВР Тетово информираа дека стартуваше превентивно-едукативниот проект „Безбедни училишта и меѓуетничка толеранција“, а кој од крајот на минатиот месец веќе се спроведува на тетовското подрачје.
– Полициските службеници од СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар на посебни часови ги информираат учениците за последиците од насилството и за потребата да се воздржат од инциденти и насилно однесување, не само во училиштата, туку и надвор од нив, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Тој појасни дека на предавањата учениците се запознаваат и со негативните последици од говорот на омраза и од неговото користење на социјалните мрежи, но и во обичната секојдневна комуникација со други лица.
– На учениците им се советува да практикуваат меѓусебно разбирање и почитување, без етнички, верски и други предрасуди, меѓутоа и да градат меѓусебна доверба и почитување на различностите. Исто така и да градат партнерски однос со полицијата, темелен на доверба и почитување, со што ќе придонесат за поголема безбедност во училиштата и надвор од нив, вели Јосифоски.
Со овој проект вкупно ќе бидат опфатени околу 2000 ученици во прва година од Полошкиот регион, а негов иницијатор и носител е Отсекот за превенција на СВР Тетово и се планира да заврши до крајот на првото полугодие од учебната година.
Коментарите се затворени.