Бањичани „спуштија рампа“ за работниците на „Бехтел и Енка“
Гостивар, 18 јануари 2024 – Работниците на Бехтел и Енка утрово не почнаа со работа на трасата за Коридор 8. Теренските возила и комбињата со кои се превезуваат, беа запрени со живи барикади. Жители од селата Горна и Долна Бањица утрово го блокираа регионалниот пат кој минува низ нивните села и не ги пропуштаа вработените во компанијата кои работат на идниот автопат. Блокадата на патот е во знак на револт од начинот на кој спроведува експропријацијата.
Блокадата, како што рекоа, доаѓа од игнорантскиот однос на властите и другите институции при решавањето на нивните барања. Протестантите посочија дека никој не ги заштитил и не се грижи за нивниот интерес при процесот на експропријација. Жителите на Долна и Бањица се пожалија дека за земјиштето кое се одзема добиваат несоодветен надомест од десет евра за квадратен метар.
Абдулаќим Асипи, претставник на учесниците во блокадата кажа дека на барањата кои ги упатиле до надлежните не добиле одговори, а ниту биле повикани на разговор. Тој појасни дека дел од земјиштето не се купува за потребите на патот, туку за изградба на кампови за вработените кои подоцна државата ќе го продава за изградба на бензински пумпи и други комерцијални капацитети.
Тие најавија дека од денес па во наредниве три дена со целодневните блокади за возилата ќе ги стопираат работите на фирмата Бехтел и Енка, а планираат и блокада на сообраќајот на магистралниот пат Гостивар-Кичево. Досега околу половина од сопствениците на земјоделско земјиште кое ќе биде одземено за изградба на Кородорот 8 добиле решенија за трајно одземање.
Бањичани упатија апел до надлежните институции што поскоро да седнат на маса и да најдат заедничко решение.
Коментарите се затворени.