Доградбата на објектот во градинката „Цветови“ предадена во употреба
Гостивар, 25 јануари 2024 (МИА) – Со симболично сечење на лента министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари го предадоа во употреба новиот објект во склоп на градинката „Цветови“ во Гостивар. Со новата вложување доградени се пет училници од кои едната е за јасли. Со ова, како рече министерката Тренчевска капацитетот на градинката е зголемен за прием на уште 100 деца. Средствата за доградба и опремување се обезбедени со поддршка на Светската банка, во износ од 34 милиони денари.
– Ова проширување не само што ја одразува нашата посветеност за обезбедување на највисоки стандарди на воспитание, туку претставува и значаен чекор кон создавање на пријатна средина за раст и развој на нашите малечки, рече Тренчевска
Според неа новиот објект, покрај архитектонско решение е во склад со еколошката одржливост и затоплување како гориво ќе се користат пелети.
Градоначалникот Арбен Таравари искажа благодарност за соработката која локалната власт ја имала со министерството и како што напомена заеднички промовираат уште еден, шести по ред капацитет во општина Гостивар во изминативе шест години.
– Ако во 2017 година во Гостивар имаше 400, денес во градинките има околу 800 згрижени деца. На списоците за чекање имаше и до 400 деца, а наскоро ќе бидат само 150 деца. Тоа значи дека за двојно се зголемени капацитетите за згрижување на деца. МТСП беше едно од ретките министерства со коишто соработувавме така како што треба централната и локалната власт, рече градоначалникот Таравари.
Министерката Тренчевска во обраќањето посочи дека од 2017 година, Владата инвестирала во 81 градинка, а само минатата во 2023 година, три нови градинки и ги отворија вратите за 324 деца.
Таа потсети на заложбите на владата во секторот за детска заштита и дека во изминатите две години се вработиле околу 900 лица во градинките, а се унапредиле 175 лица.
– Овие бројки не се само статистика; тие се доказ за нашата непоколеблива посветеност на развојот и заштитата на секое дете под наша грижа.
Коментарите се затворени.