Гостиварци и натаму ќе пијат по вода по „стара цена“

Гостивар, 29 јануари 2024 – Сметките за вода нема да поскапат наредниве три месеци. Советот на општина на последната седница не го поддржа барањето на ЈП „Комуналец“ да се покачи цената на водата за пиење.

На седницата, во образложението пред советниците, Вулнет Черкези од ЈКП „Комуналец“ рече дека побарале зголемување на надоместокот за вода за пиење и канализација во просек за 25 проценти. Предлогот, што беше доставен до советниците, како што рече ги поминал сите процедури и добил одобрение од Регулаторната комисија.

– Изминативе три месеци работевме на методологијата и таа е издржана. Треба да се земе во превид и податокот дека некои трошоци во нашето работење се зголемени и за над 100 проценти. Со ова покачување ќе се придонесе за работењето на претпријатието и поефикасно исполнување на обврските, рече Черкези.

Советниците не го поддржаа барањето на раководството на „Комуналец“ па така во наредниве три месеци цената за „кубик“ вода ќе остане на 17 денари за физички лица и 61 за фирми и правни субјекти. Доколку барањето на комуналците пројдеше во Советот водата ќе се плаќаше по 21 односно 80 денари.

згм

Коментарите се затворени.