Првиот човек на ОК ВМРО ДПМНЕ Гостивар Гоце Димовски за катните гаражи

Гостивар 5 февруари 2024 – Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Гостивар преку својот профил на социјалната мрежа Фејсбук се огласи на темата поврзана со катните гаражи. Неговиот став и мислење го пренесуваме во целост. Во обраќањето до јавноста тој приложи и неколку документи.

(превземено од Фејсбук)

Почитувани,

Во изминатиов период од страна на еден интернет портал кој според моите информации е поврзан со одреден поединец од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДС) Гостивар (поединец познат по личниот интерес, манипулацијата и непотизмот), е објавен текст со наслов “Градскиот парк во Гостивар станува заложник на три катни гаражи, кој е одговорен?” со што се споменува моето име и презиме се со цел нарушување на мојата чест, углед, професионалност и интегритет.

Целта на ова мое соопштение е да ја информирам јавноста со сите факти, аргументи и докази наспроти паушалните обиди за спинување и креирање на погрешна перцепција за тоа кој е одговорен за планирањето, утврдувањето и давањето на согласност на локациите предвидени за градба на трите катни гаражи во Гостивар.

Согласно позитивните законски прописи во Македонија локацијата за градба на било кој објект се ПРЕДВИДУВА исклучиво со Детален урбанистички план. Во конкретниов случај локациите предвидени за градба на трите катни гаражи се предвидени во Детален урбанистички план (ДУП) за Блок 3 кој е во сила од Јануари 2020 година. ДУП за Блок 3 кој е во сила од Јануари 2020 година е изработен од страна на приватна лиценцирана компанија од Гостивар. За изработениот ДУП за Блок 3 постои писмена СОГЛАСНОСТ со број 24-953/3 од 28.01.2020 година од страна на Министерството за транспорт и врски, каде што министер е г-дин Горан Сугарески (кадар на СДС). Исто така пред да се даде согласноста од страна на Министерството за транспорт и врски, претходно се добиени позитивни мислења за ДУП за Блок 3 од сите надлежни владини институции согласно законот, вклучително и од Министерството за животна средина и просторно планирање кој претставува орган на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина и просторното планирање. Согласно известување број УП1-15-1267/2018 од 04.10.2018 година кое е потпишано од страна на тогашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање г-дин Јани Макрадули (кадар на СДС), може да се констатира дека од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина и просторното планирање е дадена СОГЛАСНОСТ за ДУП за Блок 3 во кој се предвидени локациите за градба на трите катни гаражи.

Битно е да се напомене фактот дека на седницата на Советот на Општина Гостивар одржана на ден 30.01.2020 година кога е донесена конечна одлука за ДУП за Блок 3, ниту еден од советниците не гласал “против” или “воздржано” односно може да се констатира дека и советниците на СДС не биле против одлуката за ДУП за Блок 3 каде што се предвидени локациите за градба на трите катни гаражи.

Имено, повеќе од 6 (шест) години професионално и честито работам како консултант за инвестиции и развој, податок што е јавно достапен, каде што во континуитет сум ангажиран како стручно лице – консултант од страна на домашни и странски консултантски компании за различни инвестициони проекти како дел од тим за изработка на студии, анализи и документи за оправданост на инвестициони проекти. Мојот ангажман како стручно лице – консултант е исклучиво професионален врз основа на моите вештини, знаење, образование стекнато во државата и странство, искуство и компетенции.

Во период кога не сум бил Претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Гостивар, ниту сум бил советник во Советот на Општина Гостивар односно во периодот Ноември 2020 – Јануари 2021 согласно договор за работен ангажман бев ангажиран од страна на AФ – ЦОНСУЛТ Д.О.О.Е.Л Скопје кој е правен претходник на Друштво за инженеринг и консалтинг КОЛЕНКО ДООЕЛ кој е дел од КОЛЕНКО ГМБХ Германија, како дел од тимот на стручни лица – консултанти за изработка на физибилити студија за оправданост од доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба на три катни гаражи предвидени во ДУП за Блок 3 кој е во сила од Јануари 2020 година.

Согласно Член 2 од Уредбата за содржината на физибилити студијата за оправданост на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство, e утврдено дека една физибилити студија содржи: извршно резиме, општ дел, техничка, финансиско-економска и правна анализа, и општи заклучоци и препораки, со што може да се констатира дека со физибилити студија ИСКЛУЧИВО се прави анализа за оправданост на инвестиционен проект која локација за градба на инвестициониот проект претходно е предвидена во ДУП. Во конкретниот случај локациите за градба на трите катни гаражи се ПРЕДВИДЕНИ во ДУП за Блок 3 кој е во сила од Јануари 2020 година.

Многу БИТНО е да се напомене фактот дека согласно Уредбата за содржината на физибилити студијата за оправданост на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство една физибилити студија НЕ СОДРЖИ проектнa документација согласно Законот за градење и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, бидејќи согласно Законот за градење а врз основа на проектнa документација и правосилно одобрение за градење издадено согласно претходно утврдени локации за градба согласно ДУП за Блок 3 е започнато со градбата на катните гаражи.

Согласно горенаведеното може да се констатира дека изградбата на катните гаражи е започната врз основа на предвидените локации за градба во ДУП за Блок 3 кој е во сила од Јануари 2020 година, проектно – техничка документација согласно Законот за градење и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган.

Врз основа на претходно наведеното ЈАВНО го повикувам ПОЕДИНЕЦОТ од редовите на СДС Гостивар кај кого е очигледен стравот и паниката бидејќи знае дека за неколку месеци од денес нема да може да ги ужива досегашните привилегии кои му ги овозможува партијата (познат по личниот интерес, манипулацијата и непотизмот), наместо да се крие позади интернет портали, да собере храброст и да одбере јавен медиум каде што ќе излезе со мене на ТВ ДУЕЛ, каде што може со себе кого сака да земе на тв дуелот, јас сам ќе дојдам, на медиум кој ПОЕДИНЕЦОТ сам ќе го одбере, јавно да се соочиме и да зборуваме за тоа кој е одговорен за изградбата на катните гаражи и за други теми, бидејќи Гостивар и гостиварчани заслужуваат да ја знаат вистината.

Lupus non timet canem latrantem…

 

Коментарите се затворени.