Ваљбон Лимани избран за вд градоначалник на општина Гостивар

Гостивар, 8 јули 2024 (МИА) – Досегашниот претседател на Советот на општина Гостивар Ваљбон Лимани е избран за вршител на должноста градоначалник на општина Гостивар. На денешната вонредна седница на советот, тој го доби мнозинството гласови, а против гласаа осуммина од советничката група на ДУИ. Избран беше нов претседавач и член на советот.

Лимани важи за близок соработник на претходниот градоначалник Арбен Таравари, кој претходно во изјава посочи дека е можно решение и тој да ја преземе раководната функција.

На вонредната седница, Лимани пред да отпочне изборот за вд градоначалник го отстапи претседавачкото место во советот. По изглаувањето на одлуката, неговата функција ќе ја извршува универзитетскиот професор Намик Дурмиши од редовите на Алијанса за албанците која е блиска до актуелниот министер за здравство.

Ваљбон Лимани, кој во два наврати го водеше гостиварскиот општински совет се заблагодари на укажаната доверба и најави дека до редовните или вонредни избори за градоначалник ќе работи на унапредување пружањето на општинските услуги, подобрување на инфраструктурата, а наскоро ќе определи и приоритети. Тој од советниците побара и поддршка за спроведување на програмата во неговиот мандат.

– Сите нас не обединува заеднички идеал. Ве сметам за тим и не ве разликувам од партиска, вера или етничка припадност и сите ве гледам како гостиварци. Гостивар мора да блесне за сите генерации што доаѓаат и за сите оние кои го сакаа. Гостивар е моја лична мисија, а со тоа и благосостојбата на секој негов жител, рече вд градоначалникот Ваљбон Лимани.

На денешната вонредна седница имаше и смена во советничките клупи. Во редовите на четиричлената советничка група на ВМРО ДПМНЕ, на местото на координаторот Гоце Димовски, кој од минатата недела раководи со ТИРЗ, дојде петтиот од листата, Милан Јованоски.

Наскоро се очекува да биде и пополнето и советничкото место кое му припаѓа на АА. Поддршка за Лимани во обраќањата дадоа советничките групи од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и гласаа „за“

Ема Нешковска од СДСМ напомена дека ќе го поддржат изборот на Лимани и се осврна на одлуката на екс градоначалникот да ја прифати министерската функција.

– Советничката група на СДСМ, иако не е дел од коалицијата што ја предводи локалната власт, ќе го поддржи предлогот за избор на ВД градоначалник, затоа што е во интерес на граѓаните и на градот. Општината мора да продолжи да ги извршува работите од својата надлежност и да биде функционален сервис на граѓаните, рече Нешковска. Таа оцени дека постапката на Таравари е некоректна и како што нагласи, се занемари волјата на гласачите за да се обезбеди нова висока државна позиција.

На вонредната седница, глас за мандатот на Лимани не дадоа од ДУИ и гласаа против. По седницата тие ја образложија одлуката и пренесоа дека претходникот не ги исполнил ветувањата и дека се зголемил долгот на општината.

– Најсериозно од сé е што општината потона во најголемиот долг во историјата на своето постоење. Надмина 15 милиони евра, но може е и поголем. Нашиот глас „ПРОТИВ“ е гласот на револтот на очајниот жител на општина, рече Вјолца Бафтију – Зулбеари.

Новиот градоначалник на општина Гостивар Ваљбон Лимани е специјалист ендокринолог, вработен во универзитетската клиника во Скопје и има ангажман како асистент на медицинскиот факултет на ДУТ. Има 44 години, сопруг и татко на три деца.

 

Коментарите се затворени.