Општина Гостивар и владата заеднички ќе работат на подобрување на транспарентноста и во борбата против корупцијата
Гостивар, 12 јули 2024 (МИА) – Локалната самоуправа и владата заеднички ќе работата на подобрување на транспарентноста во работењето и во справувањето со корупцијата. Ова се заклучоците по средбата на првиот човек на општина Гостивар, Ваљбон Лимани и вицепремиерот за политики и добро владеење Арбен Фетаи.
На првото официјално појавување и првата посета на општина Гостивар, Фетаи зборуваше на албански јазик и изјавата за медиумите кои известуваат на македонски јазик, ја даде на англиски со образложение дека не може да се изрази најдобро.
– Дискутиравме и за тоа што јас би сакал да работам со локалната власт, да ја зацврстиме транспарентноста, имаме Закон за пристап до информации од јавен карактер што одвај се спроведува. Ќе работиме со општините да се осигуриме дека тендерските постапки се објавуваат и се достапни за граѓаните и за компаниите и дека договорите коишто се доделени исто така се објавуваат, со цел граѓаните и компаниите да знаат што општините прават со парите на даночните обврзници, рече вицепремиерот Фетаи.
Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Ваљбон Лимани напомена дека со вицепремиерот разговарале за можностите и активностите кои би влијаеле врз работата на локалната самоуправа и за соработката со владата.
– Освен за транспарентноста, разговаравме и за годишните планови за справување со корупцијата. Предложивме и воведување на телефонски број и електронска адреса за пријавување на сомнителни случаи. Очекуваме да се организира и јавна расправа или трибина на која ќе се зборува за оваа појава и да донесеме заклучоци кои ќе помогнат во справувањето со оваа појава, рече Лимани.
Вицепремиерот Фетаи посочи дека му е потребно малку време за да ги разгледа состојбите и да се постават приоритети кои, како што рече ќе постават до крајот на годината.
згм
Коментарите се затворени.