Виктор Максимоски, информатичкиот гениј од Гостивар на Светска Олимпијада во Египет
Гостивар, 31 август 2024 – Виктор Максимоски (16) средношколец од Гостивар утре ќе ги започне натпреварите на International Olympiad in Informatics 2024 (Интернационалната олимпијада по информатика 2024). Тој е дел од четиричлената репрезентација на Македонија која ќе настапи во силна конкуренција меѓу 400 средношколци – информатичари од речиси сто држави.
Виктор, со уште тројца натпреварувачи (Благој Рујаноски Стојановски, Дамјан Давков и Софија Велковска) се квалификуваа во тимот на Македонија за учество на ИОИ 2024 и веќе една недела е во Александрија (Египет) каде ги завршуваат подготовките. Тој е најмладиот член на експедицијата и според досегашните пријави и најмлад учесник на еден од најпрестижните натпревари и важи за собир на „генијалци“ од целиот свет.
Виктор е ученик во Општинското средно техничко училиште (ОСТУ) и местото во репрезентацијата го доби со освојување на титулата државен првак по информатика. Тој летниот распуст го помина во подготовки и учество на кампови и онлајн обуки под менторство на врвни професори од ФИНКИ и Здружението на информатичари на Македонија.
Виктор пред заминувањето за Александрија одвои малку време за да поразговараме и за Radio G откри како му минуваа подготовките.
– Последните денови пред патувањето за Египет ги поминав решавајќи задачи од минатите изданија на светската олимпијада. Тоа ми помага да се запознаам со типот на задачите, а и да научам нешто ново. Вежбам 4 до 5 часа дневно. Секако имам време и да се опуштам од решавањето задачи. Најчесто се опуштам слушајќи добра музика, а од скоро почнав да одам и во теретана, рече Виктор за Radio G.
Овој заљубеник во науката, својот талент го покажа уште на десетгодишна возраст кога почнува да ги освојува првите награди и признанија по математика и информатика. Неговите родители велат дека и како дете и како тинејџер не се разликува од останатите врсници. Седењето пред компјутер најмалку го користел за играње на компјутерски игри. Нему попривлечни му било програмирањето и решавање на комплексни задачи. Единствено во секојдневните навики што се одвојува во овој период е тоа што посветува повеќе време во вежбање и учество на обуки. Како што ни рекоа, веднаш по Египет ќе отпатува за Ријад (Саудиска Арабија) на првата олимпијада за вештачка интелигенција.
Виктор не сакаше да прогнозира каков резултат ќе постигне македонската репрезентација и кон што целат на 36-тата олимпијада. Според последните резултати постигнати на меѓународните натпревари, важат за сериозни конкуренти за освојување некој медал.
Коментарите се затворени.