Во Унгарија промовира книга со текстови во избор на Златко Панзов
Гостивар, 10 ноември 2021 Во рамки на „Денови на македонска култура во Будимпешта 2021 – Чествување на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески“ се одржа настан на кој значајно место имаа гостиварецот Златко Панзов и неговата сопруга Анамарија Цинеге-Панзова. Пазнов, која сега работи како лектор на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта направи избор на текстови за „A macedón nyelvről“ (За македонскиот јазик) од Блаже Конески во превод на Цинеге-Панзова.
Промоцијата се одржа вчера (09.11.2021 година) на Институтот за славистика и балтичка филологија.
– Книгата претставува избор од научни текстови од Конески, кои се однесуваат на македонскиот јазик и неговата стандардизација, додадена е и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков и е илустрирана со пригодни фотографии, стои во информацијата што ни ја испрати Панзов.
Зборникот го промовираше проф. д-р Звонко Танески, познат македонист кој работи на Универзитетот „Комениус“ во Братислава.
Златко Панзов на промоцијата зборувал за потребата и улогата од ваков тип на настани за зголемена видливост на македонската култура во Унгарија. Со зборникот унгарската публика ќе има можност да се запознае со развојот и кодификацијата на македонскиот јазик и ќе претставува појдовна основа за запознавање на студентите со проблематиката која се однесува на нашиот јазик.
Промоторот д-р Звонко Танески истакна дека книгата е импресионирачки преведувачкиот ентузијазам и наедно и двигателен подвиг што го направија Анамарија Цинеге – Панзова и Златко Панзов.
– Во последните неколку години Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта станува значаен центар за изучување на македонскиот јазик во Централна Европа, бројот на студенти постојано се зголемува и се движи меѓу 25-35 студенти во семестар, вели Панзов
Лекторот Златко Панзов, по потекло гостиварец е иницијатор и организатор на Деновите на македонска култура во Будимпешта што се организираат веќе трета година, на кои досега беа претставени најдобрите македонски писатели, музичари и уметници.
Зборникот излезе во престижната едиција Opera Slavica Budapestinensia (Linguae slavicae) на Катедрата за славистика при Универзитетот ЕЛТЕ. Иницијатори за реализација на овој проект се Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Институтот за славистика и балтичка филологија, Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – ТЕЛЕДОМ од Скопје, а изданието беше реализирано со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија
Коментарите се затворени.