Дани со новиот сингл „Има љубов во нас“ најавува албум (ВИДЕО)
Гостивар, 14 јуни 2023 – Дани Димитровска издаде нова песна со наслов „Има љубов во нас“ и видео спот кои ги промовираше на средба со претставниците на седмата сила во скопскиот клуб „Аудио култура“. Дани како пријател на Radio G ни укажа чест да присуствуваме на промоцијата и новиот сингл да го приближиме до публиката. За атмосферата, што Дани кажа и како помина промоцијата ќе слушате во радио прилогот што ќе се емитува во 15:00 часот на 106,4.
Таа кажа дека им се враќа на поцврстиот рок звук и истакнувањето на вистинските (музички) вредности во кои на прво место е љубовта.
– Има љубов во нас е изјава, која ако се повторува како мантра, ќе ни донесе мир и имање сочувство за сите. Пораката е да бидеме позитивни, а спасот од негациите во кои живееме е музиката која ќе не инсприра – рече Дани претставувајќи ја новата песна
Песната е најава на новиот четврт албум што Дани го подготвува во соработка со Весна Малинова, која е автор на музиката и на текстот за „Има љубов во нас“.
– Јас сум, преносителот, а изворот е Весна Малинова, мојата вечна инпсирација, а мислам дека и јас сум нејзина уште од 2001 година, кога почна нашата соработка. Ете, имама чест да ми биде, другарка, сестра и композитор цели 23 години – рече Дани.
Во новата песна „Има љубов во нас“ како аранжер и инструменталист (бас и гитари и тапани) се појавува Јордан Манов, во чие студио е снимана. Завршниот микс и мастерот ги направи Дејан Момировски во „Икс икс ел“ студио. Видеото го режираше Марио Станковиќ, а продукцијата е на „Ту бај фор“.
Дани најави дека наредниот месец ќе го промовира и вториот сингл од албумот, кој би требало да биде готов до ноември, за кога таа планира и голем концерт.
Коментарите се затворени.