„Ден без автомобили“ во Гостивар

Гостивар, 22 септември 2023 (МИА) – Општина Гостивар и годинава се приклучи кон одбележувањето на глобалната акција „Светски ден без автомобили, активност во рамки на Европската недела на мобилност, која се одржува низ Европа од 16-22 септември. Ученици, активисти од црвениот крст, членови на спортски клубови и еколошки здруженија учествуваа во дефилето по градските улици.

На овој начин тие се приклучија на европската кампања за промоција на одржливиот градски и „чист“ превоз кој ќе постигне повеќекратни ефекти врз квалитетот на воздухот, животната средина, здравјето на луѓето и квалитетот на урбаното живеење.

Првиот човек на општината по дефилето на учесниците им заблагодари за поддршката и како што нагласи, покажаната свест за одржување на животната средина со почист воздух.

– Гостивар му се приклучи на групата европски градови кои спроведуваат вакви активности на овој ден. На последниот ден од Европската недела на мобилност, локалната самоуправа и учесниците испраќаат порака до нашите сограѓани помалку да ги користат автомобилите, за да имаме почист воздух, но и со движењето и користењето велосипеди го подобруваме нашето здравје, рече градоначалникот Арбен Таравари.

Денешната активност „Ден без автомобили“ покрај вработени во локалната самоуправа, ја поддржаа повеќе основни и средни училишта, невладини организации, општинската организација на Црвен Крст, планинарското друштво „Шари“, Сојузот на училишни спортови.

Европската недела на мобилност ја промовира примената на нови решенија за „зелен“ превоз за да се постигнат ефекти врз квалитетот на воздухот, животната средина, здравјето на луѓето и квалитетот на урбаното живеење.

Годинава Гостивар е меѓу 2968-те градови во 43 европски држави кои се приклучија на „европската недела на мобилност“

згм

Коментарите се затворени.