Пожарникарите вежбаа евакуација на ученици во случај на елементарна непогода
Гостивар, 13 ноември 2023 – Екипа на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Гостивар спроведе симулација за евакуирање на ученици во случај на елементарна непогода во ОУ „Гоце Делчев“. Пожарникарите претходно на учениците и наставниците им дадоа насоки и им објаснија како треба да постапуваат за побезбедно и без паника се евакуираат од објектот.
Јусуф Бајрами, раководител на противпожарната служба на Гостивар, појасни дека вежбата е дел од соработката со УНДП. Тим од ТППЕ претходно беше на дводневна обука, специјализирана за постапување во случаи на катастрофи во училиштата.
– Наставниците треба да бидат запознаени кога и како треба да ги извлечат децата од објектот без да создаваат вознемиреност и паника, рече Бајрами.
Пожарникарот Ерѓул Исеини напомена дека во случај на непогода потребно е да направи анализа по што се пристапува кон интервенција. Тој посочи дека не забележал помошни излези или противпожарни скалила во образовните институции и смета треба да се направат, исто како и вградат системи за алармирање.
Симулацијата ја следеа и претставници на локалната самоуправа и УНДП, која е дел од проектот за „Родовиот ризик и управување со катастрофи“, кој предвидува родова интеграција во телата за одлучување како што се кризните штабови и универзалните тимови и во политиките на локално ниво.
Коментарите се затворени.