Обука за подобрување на комуникацијата и подобар пристап до информациите од јавен карактер за лицата со попреченост
Гостивар, 4 декември – Вработените во локалната самоуправа на обука која се одвиваше денес, учеа како треба да изгледа општинската веб-страница со информации од јавен карактер, како да биде подостапна за лицата со попреченост и како да се подобри комуникацијата со оваа категорија граѓани. Обуката е дел од проектот за инклузија во пристапот до јавни информации за лицата со попреченост што заеднички го спроведуваат здружението Инклузива и Агенција за заштита на правата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари на почетокот од обуката напомена дека како локална самоуправа изминативе шест години работеле на подобрување на условите за лицата со попреченост и како што рече во обраќањето, никогаш не е доволно и треба уште да се работи на тоа поле.
– Верувам дека и овој чекор со Инклузива е во оваа насока и така ќе продолжиме. Во моментов работиме на веб-страница која ќе биде приспособена на потребите на оваа категорија граѓани. Мислам дека е добар момент да се сензибилизираме општеството и мора постојано да се грижиме за нив за да не се чувствуваат маргинализирани, рече Таравари.
Вработените во локалната администрација низ практични примери се запознаа со начините и обликот како да објавуваат документите од јавен интерес. Која големина на фонт и во каква форма да треба да бидат истакнати. На тој начин, информациите ќе бидат според стандардите за пристапност до информациите.
– За да биде веб-страницата пристапна, сите објавени документи треба да се во соодветни формати односно сè што се објавува да има и word документ или pdf. Понатаму, фонтовите да не се помали од 12, текстот на страната да е израмнет од лево, да има превод и на македонски и на албански јазик. Луѓето кои користат знаковен јазик или Брајово писмо, го препознаваат само македонскиот јазик. Истото се однесува и на луѓето кои се глуви, затоа што попреченоста настанува и подоцна во животот, така што тие немаат време да изучуваат такво нешто. Сликите и видеата мора да имаат транскрипт каде што ќе може да се чита со читач. Сакаме да ја обучиме локалната администрација да подготвува материјали кои се соодветни за сите граѓани, затоа што бараме еднаквост на лицата со попреченост, рече Благица Димитриевска од здружението Инклузива која напомена дека очекуваниот ефект е да подобрат вештини на вработените за да даваат услуги на граѓаните со попреченост исто како на останатите.
Овој проект кој се спроведува уште во општините Дојран и Прилеп и е во соработка со Агенција за заштита на правата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
– Како второстепено тело-орган кое одлучува по жалби на граѓаните ние инсистираме на проактивна транспарентност. Тоа значи самоиницијативно објавување, активност на веб страницата на информациите со кои располага при работењето. Граѓаните најмногу поплаки и се жалат на јавните набавки, животната средина, трошењето на буџетските средства и програмите кои ги спроведува локалната самоуправа, рече Пламенка Бојчева од Агенција за заштита на правата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Учесниците на обуката имаа можност да ја проследат и анализата на општинската веб-страница и препораките за подобрување.
Коментарите се затворени.