Во Гостивар се планирани 51 инфраструктурен проект вредни над девет милиони евра
Гостивар, 11 мај 2026 (МИА) – Заменик министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири оствари работна посета на општина Гостивар. Таа се сретна со градоначалникот Ваљбон Лимани и направи увид во работите на проекти кои се поддржани од државата. Заменик министерката Зеколи-Шаќири со нејзиниот домаќин Лимани на состанокот разговараше околу спроведувањето на проектите во Гостивар коишто се финансирани Министерството за транспорт. Таа по разговорот најави дека ќе се продолжи со соработката и посочи дека Гостивар е една од општините со најголем број поддржани проекти.

– Имаме одлична соработка. За Општина Гостивар вкупно имаме 51 проект. Во првиот повик имаме околу 12 проекти, додека во вториот 39, со вкупна вредност од околу 9,1 милиони евра, изјави заменик министерката Зеколи-Шаќири.
Поддржаните проекти главно се однесуваат на патната инфраструктура, а надлежните најавуваат продолжување на инвестициите и во наредниот период.
Општина Гостивар продолжува да биде во фокусот на инфраструктурните вложувања, рече градоначалникот Ваљбон Лимани и посочи дека денес се разговарало за текот на работите и идните проекти во општината. Тој нагласи дека во локалната самоуправа се разгледуваат нови иницијативи кои треба да придонесат за подобар живот на граѓаните.

– Разговаравме за сите проекти кои веќе се во фаза на реализација како дел од двата повици на Владата на Република Северна Македонија, но секако и за идната соработка и потенцијалните проекти во иднина кои се однесуваат на нашите граѓани. Убеден сум дека централната власт ќе биде поддршка на локалната власт со единствена цел, граѓаните да имаат подобар и поквалитетен живот, изјави Лимани.

Посетата на заменик министерката Калтрина Зеколи-Шаќири беше заокружена со посета на терен и увид во градежните работи кои се изведуваат на неколку локации низ Гостивар.
згм
фото МИА
Коментарите се затворени.