Доделени наградите и промовирана поетската збирка „Литературни искри“ 2021
Гостивар, 21 јуни 2021 (МИА) Со доделувањето на наградите и промоција на заедничката поетска збирка, синоќа во Гостивар беше заокружено осмото издание на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ 2021. На пригодната церемонија која се одржа во летниот амфитеатар во градскиот парк пред љубителите на поезијата дел од авторите ги прочитаа наградените творби и беа врачени благодарници на помагателите на фестивалот.
Годинава, заради пандемијата, натпреварувачкиот дел се одвиваше преку социјалните мрежи. На конкурсот се пријавија 126 автори во двете возрасни категории. Освен од Македонија конкурираа и поети од Словенија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина.
Жири комисијата на овогодишното издание, во состав: претседател Вања Изова Велева и членовите Габриела Петроска и Гордана Страшевска, одлучи наградата гран при на „Литературни искри“ 2021 да ѝ ја додели на Фросина Тасевска од Штип. За најдобар странски автор е прогласена Аида Ораховац, од Куч, Црна Гора. Првата награда му припадна на Владо Поповски од Скопје, а втората на Тони Павлески од Прилеп. Третата награда за поетска творба ѝ е доделена на Сања Нечовска од Скопје.
За најуспешна млада искра е прогласен шеснаесет годишниот Елмин Елези од Скудриње, Општина Маврово и Ростуше.
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ се одржува во чест на 24-ти мај, денот на првите македонски просветители Светите браќа Кирил и Методиј, а реализацијата на овогодишното издание беше поддржано од Општина Гостивар и неколку приватни компании.
повеќе потографии на следниот линк https://www.facebook.com/media/set/?vanity=literaturniiskri&set=a.3100815753495344
Коментарите се затворени.