Онлајн средба: „Медиумското известување во време на Ковид-19 – искуствата на СЕММ“
Гостивар, 23 јуни 2021 Советот за етика во медиумите на Македонија СЕММ организираше онлајн средба со медиуми од Полошкиот регион. Темата на средбата беше „Медиумското известување во време на Ковид-19 – искуствата на СЕММ“.
На настанот претставниците на СЕММ ги презентираа наодите од статистичкиот преглед на добиени жалби и донесени одлуки од страна на Комисијата за жалби при СЕММ, за време на пандемијата.
„Сензационалистичко информирање, едностраното известување, недостигот на дистанца од политичките субјекти за кои што се информира, се главните забележани појави на нарушување на Кодексот на новинарите на Македонија“, истакна директорката на СЕММ, Марина Тунева.
Беше напоменато дека пандемијата предизвикала ограничен пристап до информации, а во одредени случаи и загрозување на слободата на изразување. Споредби низ бројки изнесе Даниел Димитриески, програмски координатор во СЕММ.
„Лани добивме најголем број на жалби досега. Минататa, 2020 година имавме 140 жалби. И тоа е речиси двојно повеќе од минатата 2019 година. Во 2020 година донесени се 109 одлуки, а 18 жалби се дефинирани како неосновани, 13 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување помеѓу страните. Годинава до денес се добиени 93 жалби, очекуваме повторно пораст за 20 до 30 % во 2021 година“, истакна Димитриески.
Учесниците на средбата беа информирани и за придобивките од креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми како во рамки на професионалната медиумска заедница, така и со други релевантни чинители, како што е бизнис секторот.
„Придобивките од поддршката на работењето на СЕММ, значат спречување на влијанија врз медиумите од страна на центрите на моќ, како и поттикнување на професионализмот низ доброволно вклучување на медиумите во процесот на саморегулација“, истакна Марина Тунева.
Во контекст на ова, новинарот Зоран Маџоски, посочи на потребата од организирање средби со медиумите и претставници на бизнис секторот.
„Тоа би било од крорист, а целта е заеднички да се утврдат формите за поддршка на професионализмот во медиумите. Во овој процес потребно е вклучување на сопствениците и уредниците од медиумите во препознавањето на придобивките од саморегулацијата и Регистарот на професионални онлајн медиуми.
Серијалот средби со медиумите, граѓанските организации и институциите ќе продолжи и понатаму.
СЕММ и апелира на редовно поднесување пријави за случаите за непрофесионално и неетичко известување, со пополнување на формуларот на веб страницата www.semm.mk. https://complaints.semm.mk/?page_id=33
Онлајн средбата е дел проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ во земјава.
Коментарите се затворени.