Коњицата од Гостивар тргна на дванаесетиот марш кон Крушево

Гостивар, 26 јули 2021 Тринесетчлена група коњаници, членови на здружението „Бигорски Манастир – Патот на црешовото топче“ попладнево тргнаа кон Крушево во чест на националниот и државен празник Илинден и манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На гостиварскиот плоштад групата беше пречекана и испратена од стотина граѓани.

Коњаниците, продефилираа низ Гостивар и застанаа на благослов во соборната црква „Света Богородица“ во Гостивар. Групата потоа се упати кон манастирот „Св. Јован Бигорски“ каде ќе им се приклучат уште пет коњаници. Таму, од наутро по литургијата, коњаниците свечено ќе положат заклетва и со благослов на игуменот Партениј, ќе го продолжат маршот кон Крушево.

Годинава, покрај со повозрасните коњаници од  Скопје, Битола, Крушево, Гостивар, Сопотница и Тумчевиште ќе јаваат и најмладиот 11 годишно момче и три девојки.  

Коњицата по дванаесети пат ќе помине по рутата долга околу 200 километри, поточно патот по кој било пренесено првото црешово топче како поддршка на востаниците. Според програмата на организаторите, групата коњаници на 2 август ќе учествуваат на прославата 10 дена Крушевска Република.

з. г. м.

Коментарите се затворени.