Кампања за спречување на шумски и пожари на ниви
Гостивар, 10 март 2024 – Припадници на Отсекот за превенција на СВР Тетово и Одделението за внатрешни работи Гостивар заеднички со гостиварската Шумска полиција спроведоа активност како дел од кампањата за предупредување и превенција од настанување шумски и полски пожари на подрачјето.
На ваков начин се влијае врз подигнување на свеста кај граѓаните за да бидат повнимателни во претстојниот период (пролет и лето), дотолку повеќе што тогаш се случуваат и најголемиот број од пожарите на поширокото гостиварско подрачје.
На граѓаните, претежно возачи, на неколку локации низ градот им се делеа летоци во кои се наведени информации и совети – како да постапуваат и на што да обрнат внимание доколку се движат или работат на нивите или во шумата.
– Притоа, посебно им беше укажано да не фрлаат опушоци и догорчиња, да не палат отпадоци, меѓи и стрништа на нивите или излетнички огнови на отворен простор. Граѓаните, исто така, беа запознати и со законските импликации предвидени за намерно или предизвикување пожар од невнимание, зависно од околностите и крајните последици, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Носители на оваа кампања се МВР и „Национални шуми” во содејство со Шумска полиција.
Коментарите се затворени.