Фестивал „Песните на Тоше“
Гостивар, 27 септември 2024 – Во средината на идниот месец (11 и 12 октомври) ќе се организира фестивал во чест на Тоше Проевски. На овој настан со меѓународен карактер под наслов „Песните на Тоше“ во Националната опера и балет ќе настапат двесетина учесници.
Идејниот творец на манифестацијата, Марјан Катароски, промотор на македонски таленти во светот, организатор на музички фестивали во земјава и актуелен директор на Светската асоцијација на фестивали, години наназад со својот ангажман го носи светот во Македонија. Она што во моментот го преокупира Катароски е подготовката на нешто уникатно и ново, што ќе ги разбранува емоциите кај публиката.
– Идејата за организирање на овој фестивал долго тлееше во мене и го чекаше вистинското време да се реализира. Целта е да продолжат да живеат песните на Тоше Проески, и новите генерациии да ги пејат, а истовремено да успееме да им дадеме една друга димензија. Воедно, секој пејач ќе даде свој печат, а ќе се пејат, секако во живо, на јазикот на кој се снимени, вели Катаровски.
Тој напоменува дека ќе има учесници од Македонија, од цела екс Југославија, од Израел, Украина, Русија… Музичарите кои секаде го следеа Тоше Проески од првата вечер, ќе ги изберат најдобрите дваесетина учесници што ќе настапат утредента, на гала вечерта. Се очекува во публиката да бидат и членови на неговото семејството кои се согласиле за реализација на овој проект.
– Верувам дека сите заедно ќе направиме еден до најубавите настани што се одржал кај нас и низ песните ќе ја раскажеме и приказната за животот на нашиот Тоше Проески – вели Катароски.
Тој додава дека очекувам од година во година фестивалот да расте и посочува дека со музички настани како што е фестивалот „Песните на Тоше“ овие вонвременски мелодии уште долго ќе се слушаат. Фестивалот директно ќе го пренесува Македонската телевизија.
Коментарите се затворени.