ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ заигра со кампањата „Биди кул, стани игроорец“
Гостивар, 10 октомври 2024 – Градското културно уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“ и годинава со кампањата „Биди кул, стани играорец“ внесува новини во делувањето. Првенствено е насочена кон фолклорната секција и новите кореографии, но значајно е што преку неа посветува и внимание на зголемување на бројот на игроорци. Претседателот на друштвото Предраг Ристески во разговорот за Radio G открива дел плановите кои пред сè, се насочени во збогатување на концертната програма и вклучување на помлади членови кои во иднина ќе го „носат“ репертоарот. Ристески напомнува дека во текот на оваа сезона 2024/25 ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ ќе ја зголеми бројката на настапи, концерти, но дополнување на програмата.
– Минатата година ги преструктуиравме првите редови и дадовме повеќе простор на помладите членови. Работата на пробите излезе на виделина и има резултати. Поголемиот дел од програмата за 2024 ја реализиравме. Ако се земат во превид околностите, треба да бидеме задоволни, а најмногу од ентузијазмот што го гледам кај членовите, вели Ристески
Охрабрени од кампањата која ја започнаа лани, оваа есен се продолжува со засилено темпо, но и на еден инвентивен приод за да се привлечат повеќе членови.
– Новиот приод се базира на принципот да ни доаѓаат, туку ние да одиме кај идните членови. Веќе реализиравме настапи на кои публиката беа токму најмладите, ученици во основните училишта. Поискусните игроорци и оркестарот ги покажаа нивните знаења на училишни приредби во СОУ „Гоце Делчев“ во рамки на детската недела. Таму беше впечатливо што по настапот, дечињата спонтано се фатија во оро и пеаа со членовите. Исто така, забележлив настап имавме и на прославата на 11 Октомври во СОУ „Мустафа Кемал Ататурк“, вели Ристески.
Есента за ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ започна со гостувањето во Аранѓеловац – Србија каде освен концертот на фолклорната секција и оркестарот, како претходница настапи и бендот Брејнфрезјерс со избор на македонски поп рефрени. Набрзо по ова гостување, во малата сала во центарот за култура се одржа и концерт на иницијатива на долгогодишниот член Емил Ејупи и како дел од соработка со СФЕРА ИНТЕРНЕШНЛ. Концертот имаше за цел да ги доближи традиционалните песни и игри до најмладите, а вечерта беше збогатена и со настапите на Марио Богданоски Ангелина Петроска.
Претседател на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“, Предраг Ристески кој и самиот бил игроорец напомнува дека во духот на новото време ќе станат повидливи, во фаза на изработка е веб-страница која ќе опфати дел од богатата историја на друштвото и на видело ќе се појават архивски документи, фотографии и видеа.
– Ме радува тоа што и некои луѓе на кои им значи ГАКУД самоиницијативно се јавуваат да ни помогнат, некои материјално, а некои и со совети. Тоа ни дава поттик, но и обвврска да му вратиме сјајот и да го ставиме заслуженото место во животот на градот и гостиварци. Идната година нè очекува платинестиот јубилеј, 75 години постоење и сакаме да го прославиме на едно повисоко ниво, вели Ристески.
Тој на крајот од разговорот упати апел до родителите да ги запишат нивните деца во ГАКУД, без оглед на нивниот талент, бидејќи играта многу позитивно влијаат на целокупниот ментален и физички развој кај децата.
И како што вели да се биде играорец е кул.
Детскиот фолклор на „Браќа Ѓиноски“ одржува проби секоја сабота од 12.00 часот во просториите на друштвото во некогашниот „пионерски дом“, а првиот состав секој понеделник, среда и петок.
Коментарите се затворени.