Две илјади вакцини против сезонски грип, на првиот ден пријавени 150 граѓани

Гостивар, 21 октомври 2024 (МИА) – Вакцинацијата против сезонски грип која  започна денес во Гостивар, се спроведува на три пункта и предвидено е да се дадат околу две илјади дози. Споредено со лани, бројката на вакцини за гостиварскиот регион е зголемена за речсиси 500 дози.

Според д-р Зорица Зафировска епидемиолог во Центар за јавно здравје Тетово епидемиолошко одделение Гостивар, интересот споредено со претходните години е зголемен.

– Интересот од година во година расте, што укажува на фактот дека граѓаните водат сметка за превенцијата од грип. На првиот ден од вакцинирањето, предвидено да бидат дадени 150 дози, вели д-р Зафировска.

Таа посочува дека покрај комерцијалната која чини 700 денари, има и бесплатна која е наменета за повеќе категории граѓани, како хронично болните, лицата со над 65 годишна возраст, бремените жени здравствените работници и децата до петгодишна возраст. Комерцијалните вакцини може да ги примат и лицата кои се заинтересирани за да се заштитат од сезонскиот грип.

Закажувањето за вакцинирање оди преку „мој термин“, односно пациентите се запишуваат и оставаат податоци, по што добиваат повратна порака во која им се наведени денот и часот кога да се јават на еден од пунктовите.

За трите гостиварски општини, Гостивар, Врапчиште и Маврово-Ростуше предвидени се околу две илјади дози. Минатата година во гостиварско беа предвидени и аплицирани околу 1.500 дози.

 

згм

Коментарите се затворени.