Државата најави модерен автопат Гостивар – Тетово за две ипол години
Гостивар, 3 мај 2025 (МИА) – Камен-темелник за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од околу 18 километри беше поставен денес, а се очекува тој да биде завршен во 2027 година. Проектот е вреден 90 милиони евра. Со изградбата на автопатот Тетово-Гостивар е предвидено да има девет надвозници од кои – 8 надвозници за поврзување на локалните патишта со новопроектираниот паралелен пат, еден надвозник за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот надвозник.
На поставувањето на камен темелникот на изградбата на автопатот, меѓудругите присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски.
– Како земја која за жал нема излез на море размислуваме која би била предноста на Македонија во регионот, но и поширок. Притоа дојдовме до значаен заклучок, а тоа е дека како држава сме можеби единствените кои имаат потенцијал да бидат дел од три паневропски коридори. Првиот е овој, а тоа е Коридорот 8 кој ги поврзува Јонското и Јадранското со Црното море, вториот е Коридорот 10 кој ги поврзува во овој дел од Европа средоземието со Централна Европа и Коридорот 11 кој поминува во нашето источно соседство. Со една отсечка која ги поврзува коридорите 10 и 11 стануваме земја која ќе биде директно поврзана со сите пристаништа во овој дел на Европа и ќе бидеме значајна алка на јужното крило на НАТО рече Мицкоски.
Вицепремиерот Изет Меџити на настанот во своето обраќање напомена дека оваа делница има голема важност за жителите во Полошката котлина и побезбедно движење во сообраќајот.
– Со почетокот на овој автопат, го претвораме Полошкиот регион во раскрсница на можности и инвестиции, работни места, го скратуваме патот меѓу Скопје, Охрид и Струга, и ја приближуваме границата кај Ќафасан кон секој наш дом и секоја бизнис идеја што чека пазар. Создаваме можности да си ги вратиме децата дома. Ќе нè мерите по завршени километри, не по потрошени зборови, рече вицепремиерот Меџити.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски појасни дека делницата Тетово – Гостивар ќе биде долга 17,5 килиметри и ќе чини 90 милиони евра. Ќе има, рече, по две коловозни ленти во еден правец, плус една лента за застанување.
На поставувањето на камен темелникот се обратија и амбасадорката на САД, Анџела Агелер и претставник на компанијата Бехтел и Енка и одговорен за проектот Џош Бејкер кој во обраќањето ги изложи предвидените зафати.
– Овој регионален пат ќе се заврши прв за да се овозможат преусмерување на сообраќајот и за да се сведе нарушувањето на текот на сообраќајот на минимум додека се гради автопатот. Имаме употреблив пристап за градежни работи на локациите на повеќе од 20 км од трасата. Работиме заедно со ЈПДП и со властите за да го прошириме ова уште повеќе и да имаме пристап до повеќе од 50 км до крајот на месец јуни, рече Бејкер
Тој напомена дека градежните работи сега се во тек по должина на 3 од 4 делници, а планирањето напредува за сите 4 делници. До денес завршени се 1,9 милиони кубни метри ископување и 22.000 кубни метри бетон.
Коментарите се затворени.