УНДП од Гостивар започна да го одбележува јубилејот 30 години присуство и работа во Македонија
Гостивар, 7 мај 2025 (МИА) – Со богата културно уметничка програма и претставување на дел од реализираните активности и проекти, вечерва во летниот амфитеатар во Гостивар започна одбележувањето на јубилејот „30 години присуство и работа во Македонија на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Под мотото „30 години УНДП – Заедно за подобра иднина“, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје ги истакна партнерствата на национално и локално ниво и клучните резултати и придобивки од спроведените активности во сите осум плански региони. Првиот од серијата планирани настани се одржа денес во Гостивар, во соработка со општините од Полошкиот плански регион.
Првиот човек на УНДП во земјава Армен Григоријан напомена дека преку програмата во Македонија од 1995 се инвестирани над 250 милиони американски долари. Тој како добар пример го посочи полошкиот регион, каде како што рече имало повеќе вредни проекти и спроведени се корисни активности за меѓуопштинска соработка.
– Ја одбележуваме оваа значајна годишнина во духот на партнерството и посветеноста кон реализација на програмски цели кои придонесуваат за изградба на стабилна, одржлива и просперитетна држава. Во изминатите три децении, заедно со националните и локалните партнери, постигнавме значајни резултати во области како што се заштитата на животната средина, поддршка на демократските реформи и процеси, вклучувањето на младите, социјалната инклузија, како и создавањето можности за вработување и зголемување на вработливоста, рече Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП во Северна Македонија.
Амбасадорот на Република Словачка напомена дека неговата земја е горд партнер на УНДП во поддршка на реформите и иновациите, како и на развојот на локално ниво и дигитализацијата на услугите.
– Веруваме дека транспарентни и дигитално зајакнати општини се од големо значење за инклузивен раст, истакна амбасадорот Маркуш.
Тој ја поздрави можноста со која неговата земја е партнер на УНДП и дека успеале да придонесат за локалниот развој. Маркуш ја истакна соработката со сегашниот и претходниот градоначалник на Гостивар оценувајќи ги како добри партенери, а тоа, како што рече, добар партнер е вистинско богатство. Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани се осврна на поддршката на УНДП и со чие посредништво во Гостивар се спроведени повеќе проекти и активности и помогнале во подобрувањето на работата на општинската администрација, организирањето на младите, отворање на центри за грижа и нега.
– Додека доаѓавме на местото на денешниот настан, можевме да видиме колку многу е направено и колку работа сè уште се извршува, што е доказ за посветеност и континуитет. Во оваа прилика, изразувам длабока благодарност до УНДП и донаторите, тимовите кои работеа и до сите партнери за нивната поддршка во развојот на нашата општина, но и на целиот регион, рече вд градоначалникот Ваљбон Лимани.
На собирот пред присутните зборуваше и министерот за здравство и поранешен градоначалник кој раководеше со локалната самоуправа седум години, Арбен Таравари. Тој соработката со УНДП ја оцени како фантастична и што заеднички успеале да реализираат повеќе проекти кој како што рече и денес се во функција.
Целиот настан беше збогатен со настапите на членови на училишни фолклорни групи, инструменталисти. Караванот „Заедно за подобра иднина“, периодов продолжува и во Кратово, Штип, Струмица, Кавадарци и Ресен, со завршен настан во Скопје при крајот на годината.
Коментарите се затворени.