Книжевна вечер со писателката Симона Јованоска
Гостивар, 20 мај, 2026 – Прозаистката Симона Јованоска наредната недела (27 мај) ќе се претстави пред љубителите на книжевноста во Гостивар. Организаторите на настанот, издавачката куќа „Или-Или“ најавуваат дека освен промоција на нејзина последна збирка раскази „Ништо нормално“ публиката низ разговор ќе има можност да слушне изворно, од авторката нешто повеќе за нејзиното творештво.
– Ми требаа 11 години пишување, пет книги, неколку награди, преводи и изданија за да се претставам пред моите, и имам убава трема по тој повод. Неизмерно се радувам што ќе имаме прилика да се видиме со сите што ме познаваат од дете, но и со оние со кои за првпат ќе се запознаам. Се гледаме во Гостивар, напиша во најавата за настанот, Јованоска.
Од „Или-Или посочуваат дека Симона Јованоска е една од најинтересните појави на нашата книжевна сцена, а новата збирка раскази „Ништо нормално“ веќе предизвикува одлични реакции од читателите. Нејзините претходни дела: „Денот на црвот“ (роман на годината 2021), „Леска Брезоска“ и „Ги најдов во длабокото“ сè уште се актуелни меѓу читателите. Таа е автор и на книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“.
Книжевната вечер ќе се одржи во малата сала на Центарот за култура АСНОМ на 27.05. 2026 (среда) од 19:30, водител-модератор ќе биде Ненад Стевовиќ.

Коментарите се затворени.