Сообраќајот на „здуњската раскрсница“ кај Гостивар во шпицовите ќе се регулира со сообраќајци наместо со семафор
Гостивар. 29 јуни, 2026 (МИА) – Сообраќајот на „здуњската крстосница“ за време на викенд-шпицовите во летниот период ќе се регулира со сообраќајни полицајци. Овој заклучок беше изнесен на последната, петта седница на Локалниот совет за превенција на општина Гостивар.
Решението за големиот метеж и долгите колони кои се создаваат на магистралниот пат, доаѓа по реакциите на локалните жители. Тие, а и патниците кои се движат кон и од туристичките центри за викенди чекаат долго за да ја поминат крстосницата со семафорска регулација на магистралата Гостивар-Кичево.

За овој проблем деенес се разговараше на локалниот совет за превенција особено заради периодот кога доаѓаат иселениците и неколкукратно се зголемува бројот на возила. Претставникот на гостиварската полициска станица извести дека како институција го имаат детектирано проблемите кои се однесуваат на оваа сообраќајница во летниот период. Понуденото решение се состои во посебен план за регулација. Сообраќајот на оваа делница особено за време на викендите ќе се регулира физички со сообраќаен полицаец во периоди кога се таканаречените шпицовите и има голем број на возила. Според податоците на полицијата на оваа делница во еден ден поминуваат над 34 илјади возила кои доаѓаат или се упатуваат кон Охрид, Струга, Кичево, Маврово и Дебар.

На последната работна седница на ЛСП при Општина Гостивар се разговараше и за градскиот сообраќај во период кога бројот на возила неколкукратно се зголемува. Како можно решение кое треба да го намали притисокот од недостиг на паркинг места беше предложено за паркирање да се користат училишните дворови и површини.
Градоначалникот, Ваљбон Лимани посочи дека во јули и август се золемуваат и проблемите во сообраќајот.
– Можноста која ја нудиме за бесплатно паркирање во училишните дворови општината ја применува веќе неколку години, но потребно е исто така да преземаат определени мерки и во координација со надлежните институции, рече Лимани
Коментарите се затворени.