Евроамбасадорот Рокас во посета на општина Гостивар и најави решение за недостигот на вода за пиење

Гостивар, 26 јуни 2026 (МИА) – Амбасадорот на Европската Унија во Михалис Рокас оствари работни средби со раководство на општина Гостивар. Негови домаќини беа претседавачот на општинскиот Совет, Ваљон Џафери, како, членови на советот и градоначалникот Ваљбон Лимани. На средбите се разговарало за можностите за користење на европските фондови, тековните предизвици со кои се соочува општината, како и за патот на земјата кон Европската Унија.

Градоначалникот Лимани изрази задоволство за посетата и истакна дека Гостивар е подготвен да аплицира за нови проекти, со посебен акцент на европската програма ЛАЈФ (LIFE), која е наменета за заштита на животната средина и справување со климатските промени.

– Сè започнува локално и се надевам дека токму од општините ќе тргнеме по тој правец за еден ден Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија, изјави Лимани.

Претседателот на Советот, Ваљон Џафери, ја оцени дебатата како исклучително плодна и конструктивна, нагласувајќи дека советниците добиле детални одговори кои ќе бидат од директен придонес за развојот на општината и решавањето на секојдневните проблеми на граѓаните.

Евроамбасадорот Рокас се заблагодари на топлиот прием и напомна дека Гостивар е светол пример за мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиозна општина која дава максимум за да одговори на потребите на своите жители. Тој изрази особено задоволство што во градот функционира и специјален центар за деца со аутизам.

На новинарско прашање поврзано со проблемот со кој се соочува регионот и неодамнешниот протест за пристапот до питка вода и управувањето со отпадните води, Рокас потенцираше дека ЕУ веќе презема конкретни чекори.

– Пристапот до питка вода е многу сериозно прашање. Мојот тим веќе беше во Боговиње, а ќе дојде и тука во Гостивар и Тетово за да ги согледа состојбите на терен. Иако тековниот седумгодишен буџетски циклус на ЕУ завршува следната година, една од сериозните опции за финансирање на овие капитални проекти се средствата од реформската агенда на владата, рече во одговорот евроамбасадорот Рокас, најавувајќи понатамошни координации со локалните и централните власти. Посетата на Делегацијата на ЕУ во Гостивар продолжи со средби со граѓанскиот сектор и директни разговори со граѓани.

Рокас заедно со министерот за екологија Муамет Хоџа ги промовираа новите можности за финансирање еколошки проекти

Тие двајца беа на настанот во салата на советот на општината Инфо ден посветен на LIFE програмата -главниот финансиски инструмент на Европската Унија за поддршка на проекти во областа на животната средина, климатските промени, заштитата на природата и чистата енергија.

Настанот беше организиран од Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Општина Гостивар, а присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, и градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.

Во своето обраќање, министерот Хоџа истакна дека нашата земја е првата во регионот што го потпишала Договорот за учество во LIFE програмата, со што се отворија нови можности за финансиска и техничка поддршка на проекти во областа на животната средина и климатските промени.

На LIFE Инфо-денот беа презентирани актуелните повици и можности за аплицирање во рамки на програмата LIFE. Настанот обедини претставници на институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и експертската заедница, со цел поттикнување нови партнерства и развој на квалитетни проекти за одржлив развој и заштита на животната средина.

згм

 

 

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar