Започна реконструкцијата на булеварот од „домот на културата“ до „Аида“, до 10-ти јули ќе се вози по една лента
Гостивар, 1 јули, 2026 – Градежната механизација и работици се на терен и започнаа со реконструкцијата на булеварот „Браќа Ѓиноски“. Од локалната самоуправа потврдија дека и официјално започнаа градежните активности за целосна реконструкција на булеварот на потегот од Центарот за култура до крстосницата популарно наречена „Аида“. Заради изведување на работите, сообраќајот на оваа делница од околу 200 метри ќе се одвива по една лента. Првиот човек на општината, Ваљбон Лимани посочи дека проектот опфаќа санација на постоечкиот коловоз и тротоарите за да се обезбеди подобра патна инфраструктура и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.

Лимани појасни дека градежните работи ќе се одвиваат со интензивно темпо и се очекува да завршат најдоцна до 10-ти јули.
– Ваквата динамика е планирана за да се избегне сообраќајниот метеж пред масовното пристигнување на иселениците до првата половина на јули. Па така ќе се обезбеди и подобар проток на сообраќајот, истакна градоначалникот Лимани.

Работите кои се изведуваат се во рамките на постоечкиот габарит на булеварот, а тоа значи дека нема да се прават проширувања и останува ширина на коловозот како што е постоечкиот. Покрај главните активности на коловозот и пешачките патеки, на терен ќе се вршат и дополнителни помали интервенции секаде каде што стручните служби ќе проценат дека е потребно, со цел долготрајно подобрување на функционалноста на булеварот.

Коментарите се затворени.