Дејан Крстески промовира нова поетска збирка
Гостивар, 6 јули, 2026 – Книжевникот, Дејан Крстески, доцна попладнево (6 јули), со почеток во 18:30 часот, во Центарот за култура во Гостивар, ќе ја промовира својата најнова книга – поетската збирка „Плутон на таванот“. Станува збор за седмо печатено дело на авторот, кој по неколкуте поетски книги, збирки раскази и романот „Атласот на тајните“, повторно им се навраќа на стиховите. „Плутон на таванот“ е книга што отвора прашања за човекот, неговите внатрешни борби и местото што го зазема во светот исполнет со сè поголем хаос и отуѓеност.

Во поетската збирка Крстески останува доследен на темите што го одбележуваат неговото творештво, истражувајќи ги тишините меѓу луѓето, чувството на осаменост, личните преиспитувања и предизвиците на современиот живот.
Книгата веќе ги доби и првите позитивни критички осврти. Проф. д-р Веселинка Лаброска ја оценува како „изблик на емоции спакувани во слики од животот“, истакнувајќи дека авторот се наметнува како глас што ги отвора најдлабоките човечки прашања. Писателот Димитар Арнаудов, пак, смета дека „Плутон на таванот“ претставува значаен придонес во современата македонска поезија, нагласувајќи дека личното искуство успешно го претвора во простор што станува препознатлив за секој читател.
На промоцијата на најновата збирка ќе зборува ќе зборува проф. д-р Веселинка Лаброска. Настанот е отворен за јавноста, а љубителите на поезијата освен што ќе имаат можност да се запознаат со поезијата на Крстески ќе бидат и дел од книжевната вечер во Центарот за култура во Гостивар.

Коментарите се затворени.