Иван Кукиќ & Sound Therapy го претставуваат синглот и видеоспотот „Зачаран круг“ (ВИДЕО)

Гостивар, 3 јули 2026 – По објавувањето на студискиот албум „Зачаран круг“, македонскиот кантавтор, мултиинструменталист и продуцент Иван Кукиќ, и неговиот бенд Sound Therapy, го претставија и видеоспотот за насловната песна од албумот.

Музиката ја потпишуваат Иван Кукиќ и Стефан Илиќ, кој воедно е и автор на текстот, додека аранжманот е дело на Кукиќ. Песната е создадена во студиото на Кукиќ во Струмица, каде што настанува и најголемиот дел од неговото авторско творештво.

„Стефан и јас седнуваме, разговараме за животот, луѓето и различни ситуации, а потоа, во еден момент, едноставно доаѓа инспирацијата. Тој почнува да го пишува текстот, јас ја барам мелодијата и едноставно меѓусебно се надополнуваме. Сè се случува сосема спонтано и во фантастична енергија“, вели Кукиќ.

Иако првичната верзија на песната траела само три минути, за време на пробите со бендот таа постојано се развивала, добивала нови музички целини и на крајот прераснала во композиција долга повеќе од осум минути.

„Секојпат кога ќе помислевме дека песната е завршена, се раѓаше некоја нова идеја. На крајот и самата стана вистински зачаран круг“, додава Кукиќ.

Еден од деталите што веќе го привлече вниманието на слушателите е делот од песната во кој се појавуваат зборови без конкретно значење. Како што објаснува Кукиќ, тие настанале спонтано за време на работата во студиото, низ игра и импровизација, со идеја да звучат интересно и мистично, оставајќи му простор на секој слушател за сопствена интерпретација.

Видеоспотот го монтираа Иван Кукиќ и Зоран Трендов, пријатели кои уште од детството ги поврзува љубовта кон филмот. Како деца заедно снимале кратки филмови, осмислувале приказни и ги монтирале своите први остварувања, а токму таа креативна разиграност ја пренесоа и во новиот видеоспот, користејќи ги можностите на вештачката интелигенција. На спотот работеа повеќе од четириесет часа, внимавајќи секој кадар да ја следи атмосферата и развојот на осумминутната песна.

„Знаевме дека работиме нешто што денес не е вообичаено – песна долга осум минути и видеоспот што ја следи целата нејзина приказна. Се надевам дека сите што ќе го слушнат ‘Зачаран круг’ и ќе го погледнат спотот ќе почувствуваат барем дел од емоцијата, возбудата и радоста што ние ги чувствувавме додека го создававме. Ако успееме таа енергија да ѝ ја пренесеме на публиката, тогаш сме го постигнале она што го посакувавме“, заклучува Кукиќ.

Летово тој е концертно ангажиран со Влатко Стефановски, во чие што Трио членува, заедно со синот на Влатко – Јан Стефановски, а нема да изостанат ниту промотивните активности врзани за актуелниот албум „Зачарани круг“.

„Меѓу текстовите кои ги отпеав на албумот, посебно сум горд на оние кои за мене специјално ги напиша легендарниот текстописец Огнен Неделковски, а душава ми е полна и што како специјалниот гостин на албумот се најде и светски познатиот актер Раде Шербеџија“ – дополнува Иван Кукиќ.

тука може да го погледнете и видеоспотот

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar