Тошковски: Општината е должна да соработува во целиот процес
Гостивар, 21 јули 2026 – На прашањето околу соработката со локалните власти и дали ќе има проширување на истрагата за одговорната на други лица, министерот Панче Тошковски од прес конференцијата во Гостивар кажа дека општина Гостивар ќе биде должна да соработува во целокупниот процес на нормализирање на состојбата.
– Факт е дека заклучно со денес, целиот овој хаос е одговорност на Општина Гостивар и на органите во рамки на општината. Поради нивна неможност, државата денес донесе одлука да се вклучи и да го расчисти овој хаос максимално брзо. Органите во состав на Општина Гостивар се должни максимално да се вклучат во процесот. На состанокот којшто е закажан во 17:00 часот во рамки на ОВР Гостивар ќе бидат повикани сите надлежни коишто можат да помогнат, рече Тошковски.
Тој потврди дека со гостиварскиот градоначалник е извршен разговор со него во насока на утврдување на фактичката состојба.
– Ќе постапуваме во соработка со Јавното обвинителство за секој следен чекор, како од аспект на одговорност согласно Кривичниот законик, така и од аспект на ставање во нормална функција на водоснабдувачкиот систем, потенцира министерот.
Запрашан за коментар околу можноста истрагата да ја преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и одговорноста на надзорот на новиот водовод во Гостивар и кој го предал во употреба тој кажа:
-Секој предмет каде што ќе се утврдат законски надлежности на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, тоа обвинителство е должно да го преземе во рамки на своето постапување. Доколку утврдат дека постојат такви елементи, тоа е нивна надлежност. А во однос на останатото прашање за надзорот, во овој момент не би можел да споделам такви информации. Сепак, да ги оставиме експертите да си ја одработат својата работа на терен.“
згм
Коментарите се затворени.