Кризна состојба: Државата ги стави во функција сите капацитети за надминување на кризата, одговорност ќе има
Гостивар, 21 јули, 2026 – Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес, како дел од владината делегација, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски и портпаролката на Владата Марија Митева, престојуваше во Гостивар, каде беа реализирани активности за координација на институциите и преземање мерки за надминување на состојбата предизвикана од загадувањето на водоснабдувачкиот систем во општината.
Министерот Тошковски истакна дека Владата, веднаш по препораката на Групата за процена, донела одлука за прогласување кризна состојба на територијата на Општина Гостивар, со цел да се стават во функција сите расположливи државни механизми и експертски капацитети за што побрзо нормализирање на состојбата.

– Државата се вклучи со сите свои капацитети затоа што наш приоритет е што побрзо да ја нормализираме состојбата и да обезбедиме безбедна вода за граѓаните. На терен веќе работат експертски тимови кои вршат детални анализи на водоснабдувачкиот систем и земаат мостри на повеќе локации. Нема да носиме избрзани заклучоци, туку ќе постапуваме исклучиво врз основа на стручните анализи и препораките на експертите, истакна министерот Тошковски.
До целосно завршување на анализите и потврдата од надлежните институции дека водата е безбедна, граѓаните треба доследно да ги почитуваат препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство и на здравствените власти. Тој посочи дека треба да се следат препораките.
– Ниту ќе шпекулираме, ниту ќе даваме процени кога водата ќе може повторно да се користи. Граѓаните ќе бидат навремено информирани веднаш штом експертите ги завршат анализите и ќе потврдат дека се исполнети сите услови за безбедна употреба. Единствено важно во овој момент е да се следат препораките на надлежните институции, со цел што побрзо и безбедно да излеземе од оваа состојба, потенцираше Тошковски. На новинарско прашање и коментар околу постапката за утврдување на одговорноста, министерот информираше дека Министерството за внатрешни работи постапува во целосна координација со Јавното обвинителство.

– Министерството за внатрешни работи продолжува интензивно да обезбедува докази, додека Јавното обвинителство ја води постапката согласно своите законски надлежности. За секој за кого ќе се утврди одговорност ќе се постапува согласно закон, без исклучок, нагласи министерот Тошковски и потврди дека со гостиварскиот градоначалник е извршен разговор.
Запрашан за коментар околу можноста истрагата да ја преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и одговорноста на надзорот на новиот водовод во Гостивар и кој го предал во употреба тој кажа:,
-Секој предмет каде што ќе се утврдат законски надлежности на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, тоа обвинителство е должно да го преземе во рамки на своето постапување. Доколку утврдат дека постојат такви елементи, тоа е нивна надлежност. А во однос на останатото прашање за надзорот, во овој момент не би можел да споделам такви информации. Сепак, да ги оставиме експертите да си ја одработат својата работа на терен.“
Коментарите се затворени.