Побаран е притвор за тројцата гостиварски комуналци, истрагата ќе се проширува по потреба

Гостивар, 21 јули, 2026 (МИА) – За трите лица вработени на одговорни функции во ЈП „Комуналец“ осомничени за загадување на водата во гостиварскиот водовод ќе се бара притвор, а во зависност од новите докази, истрагата ќе се прошири. Ова беше кажано на денешниот двочасовниот брифинг во Основното јавно обвинителство во Гостивар. Пред судијата на претходна постапка, Ќирко Михајлоски осомничените од 12 часот даваат искази, по што ќе биде познато дали бидат определни мерки за обезбедување.

 

Надлежниот обвинител Хазби Исеини, кој од вчера го води случајот, посочи дека пред надлежниот суд во Гостивар доставил предлог за мерка притвор, со оглед на тежината делото за кое се сомничат, директорката на ЈП „Комуналец“ Арта Асани, техничкиот директор Леон Нуредини и одговорниот за водовод, Вадедин Дервиши. Како мотиви за ваквото дело, обвинителот Исеини ги посочи намерите на осомничените да обезбедат поголемо количество на вода во градскиот водовод во период кога се појавил недостиг на вода за пиење од градскиот водовод. Тој повтори дека добиените резултати покажале загадување со фекални бактерии на примероците земени од каналот и преливната станица, додека во каптажата на изворот, водата била чиста. Четвртиот земен примерок од чешма во градот покажала поголемо колистево на хлор.

Обвинителот Исеини, кажа се прибрани потребните докази од самото место каде што биле поставени потопни пумпи и документација од канцелариите на осомничените. Како поединост која беше истакната е податокот дека преливната станица, местото на кое се случувало инкриминираното дејство служела за ослободување на водата од водоводот во каналот кој минувал во близина кога имало вишок на вода, но никако не смеело да дојде до мешање на вода од каналот во водоводната инфраструктура.

На новинарски прашања одговараше и обвинителката Зура Селими. Таа била дежурен обвинител на терен од 16 јули кажа дека ги издала потребните наредби и неопходни дејствија. Таа потврди дека пријавата за сомнеж стигнала од гостиварската полиција, која била од анонимен пријавувач.

Обвинителката Селими кажа дека на местото каде што е преливната комора имало три потопни пумпи кои од блискиот канал уфрлале вода во водоводниот систем, а едната не била вклучена. Засега е нејасно и како била обезбедена електрична енергија на место коешто бил направен див приклучок.

Обвинителката Селими нема да го води случајот понатаму, бидејќи како што кажа шефицата на гостиварското обвинителство, Елизабета Јосифоска, за ваков тип на кривични дела потребно е да има три години стаж, а истрагата ќе ја води обвинителот Хазби Исеини. Тој беше дециден во одговорите на новинарските прашања околу одговорноста на управата на гостиварската болница и центарот за јавно здравје дека ќе се бараат докази и поврзаност со настанот, а доколку се утврди сомнеж, истрагата ќе се прошири и врз нив.

Републичкиот обвинител Ненад Савевски ги пофали колегите и рече дека обврските околу овој кривичноправен настан ги извршиле на ниво и граѓаните кои случајот го пријавиле и на тој начин покажале висока свест и одговорност.

згм

 

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar