Недоволно инспектори и опрема во контролата врз сечата на шумите

Гостивар, 11 март 2021   Мал број инспектори и недостаток на опрема за работа, несоодветни кадри во Инспекторатот за шумарство и ловство, Шумската полиција и Шумочуварските служби, како и недоволни контролни механизми при сечата на дрва. Ова се некои од проблемите кои го ограничуваат ефективниот надзор врз управувањето со шумите, беше речено денеска на панел дискусијата „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“, која ја организираше Асоцијацијата за демократски иницијативи во соработка со Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата „Разбистри сè“.

Помошничката директорка на „Национални шуми“ Маре Басова изјави дека шумите вршат важна неекономска функција како чистење на воздухот, обезбедување здрава животна средина, заштита од поплави итн. Сепак, вели таа овие простори се мета на дрвокрадци.

„Според бројките со кои располагаме во 2020 година, констатирани се околу 26.000 метри кубни дрва неправна сеча, одземени се околу 1.500 метри кубни дрва од непознат сторител, а околу 500 метри кубни дрва се одземени од познат сторител“, вели Басова.

Трајче Ангелов од Државниот инспекторат за шумарство и ловство изјави дека во Инспекторатот се вработени 14 инспектори за шумарство, кои треба да контролираат околу 300 субјекти регистрирани за обработка на шумски производи и трговија со дрвја. Овие инспектори без соодветна опрема се надлежни за околу 1 милион хектари шумска површина, па затоа вели тој, надзрот тешко се спроведува.

Законот за шуми предвидува четири служби кои треба да се грижат за шумите – Шумочуварска служба, Шумска полиција, Инспекторат за шумарство и ловство и МВР. Но тоа, според командирот на Шумската полиција во Штип, Горан Трајков, доведува да има четири послаби институции со вкрстени надлежности.

Според Саша Јовановиќ од Секторот за шумарство иловство при Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, поразително е дека 71 процент од граѓаните користат дрво како примарен или секундарен извор на енергија за затоплување и најави дека се подготвуваат прописи со кои треба да се зајакнат контролните механизми при сеча на дрва.

„Ќе побараме да постои електронско следење на регистрираните фирми за стопанисување со дрва, а граѓаните ќе можат со апликација да видат дали некое возило кое пренесува дрво го прави тоа легално и да го пријави ако е нелегално. Со измени ќе побараме да имаме и 24-часовен видео надзор над стовариштата за дрва“, изјави Јовановиќ.

Владимир Стојановски од Факултетот за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинжинеринг „Ханс Ем“ изјави дека се потребни промени и во високото образование во шумарскиот сектор, кадешто недостасуваат теми за формулирање и спроведување на шумарски политики, за улогата на шумарството во зачувување на биодверзитетот и други теми.

„Мора да ги едуцираме сегашните и идните генерации дека шумите и шумските системи се од огромно значење за нашиот опстанок. Ова не е огромна инвестиција, а мора да почнеме од денеска. Да бидеме свесни за потребата од спроведување на соодветна карбонска политика“, порача Стојановски.

Кампањата „Разбистри сè“ ја реализира Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.