Нова серија земјотреси во мавровско-реканскиот крај
Гостивар, 14 март Нова серија потреси ги вознемирија жителите во гостиварските општини, која според сеизмолозите е продолжение од онаа која започна лани во ноември.
Според сеизмолозите најсилниот земјотрес бил со епицентар во мавровското подрачје. Регистриран е во 22.38 часот и имал магнитуда 3,5 според Рихтер, со епицентар на 21 километар југозападно од Гостивар, на длабочина од 5 километри. Послаб потрес е евидентиран во 15.15 часот, со магнитуда 2,2 според Рихтер, на длабочина од 2 километри.
Од лани во ноември тлото на Маврово и околината на Тетово и Гостивар го треселе над 60 земјотреси од кои најголемиот дел биле во март. Сеизмологот Катерина Дрогершка за ТВ21 изјави дека серијата на земјотреси е почната од минатата година и дека во овој период има сеизмичка активност на тоа подрачје.
„Серијата на земјотреси почна лани во ноември со два земјотреси од класата умерено-силни земјотреси. Едниот се случи рано наутро во 5 степени, но интензитетот беше од 5 до 6 степени. Во следните неколку дена во ноември и декември беа регистрирани стотина земјотреси од исто епицентрално подрачје од Тетово – Гостивар, односно мавровскиот регион, рече Дрогершка за ТВ21.
Таа појасни дека од март годинава повторно се интензивира подрачјето, па така ма 12 март се случи силен земјотрес.
„Станува збор со локална магнитуда 4,6. Серијата трае зачестено. Од 12 март до ден денес, имаме регистрирано 50-60 земјотреси. Поголемиот дел од земјотресите имаат поголема магнитуда поголема од 3. Поголемиот дел се почувствувани од западниот дел. Сè уште имаме земјотреси, но со сигурност не можеме да кажеме дали може да очекуваме некој посилен од оној со јачина од 5,0 степени“, вели Дрогершка за ТВ21.
Коментарите се затворени.