Избрани финалистите за меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021“

Гостивар 24 април 2021 (МИА) Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2021“ во Гостивар ги објавија имињата на поетите кои влегоа во финалето и ќе конкурираат за фестивалските награди. По конкурсот за годинешното осмо по ред, издание на манифестацијата, во конкуренција влегоа 126 автори во двете возрасни категории, над 18 години и до 18 години.

„Годинава пристигнатите песни на конкурсот ги оценуваше жири-комисија во состав: претседател, Вања Изова Велева и членовите: Габриела Петроска и Гордана Страшевска, наведуваат од организацискиот одбор на фестивалот.

Годинашни финалисти на фестивалот „Литературни искри 2021“ се: Милчо Мисоски (Струга), Невен Лукачевиќ (Риека-Хрватска), Владо Поповски (Скопје), Сања Нечовска (Скопје), Аида Ораховац Куч (Подгорица-Црна Гора), Елмин Елези (Скудриње, Општина Маврово и Ростуше), Елизабета Дончевска Лушин (Струмица), Фросина Тасевска (Штип), Соња Карбева (Велес) Георгина Петреска (Скопје), Тони Павлески (Прилеп), Ориада Дајко (Тирана-Албанија)

            Дванаесетте поети конкурираат за наградите: Гран при, Прва, Втора и Трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра. Наградите се плакети, дипломи и признанија.

Претседателката на жири комисијата Вања Изова Велева за избраните финалисти вели: „Нумерологијата за бројот 12 меѓу другото вели дека е симбол на универзумот, на постоењето. Случајно или не, меѓу овие 12 финалисти, се чувствува пулсирањето на еден новосоздаден универзум богат со почетнички ентузијазам и потреба да се чуе кажаното и остане забележано напишаното, потенцира Вања Изова Велева.

Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи „онлајн“ заради мерките за спречување на пандемијата. Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ напоменуваат дека поетското читање и соопштување на наградените ќе се одвива на 23 мај (недела) на Фејсбук страницата на фестивалот. Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.

згм

Коментарите се затворени.