Таравари: ДУИ и СДСМ да прекинат притисоците врз вработените во државната администрација

Гостивар, 19 август 2021 Генералниот секретар на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари посочи на повеќе пријави од граѓани, вработени во разни јавни и државни органи и институции, кои се жалат на притисок, мобинг и политички реваншизам од актуелната влада. Таравари смета дека ова е вообичаено пред изборен циклус, па така, како што нагласи и овој пат ДУИ ја започна со кампања против многу државни службеници кои не ги делат истите политички убедувања со владејачките партии.

– Последниот случај е на Беким Афузи, вработен во Царинската управа на Северна Македонија. Афузи јавно ги искажа своите ставови против Демократската унија за интеграција, и како резултат на овие ставови тој беше деградиран пред неколку дена. Притисоците врз него започнаа од 2008 година, а неодамна го натераа да ја напушти работата само за да ја зачува својата гордост, рече Таравари на прес конференцијата во седиштето на гостиварскиот огранок

Генералниот секретар посочува дека како Афузи има многу други кои не се откажуваат, туку се мобилизираат за да му се реваншираат на овој режим на најдемократски начин.

Таравари искажа огорченост политиката, која како што рече не заслужува ниту да се нарече политика, а има за цел да се скријат нивните неуспеси во локалната власт, да се скријат нивните неисполнети ветувања и лаги.

– Се ќе излезе на виделина, но не денес! Крајот се приближува, бидејќи граѓаните се свесни и знаат да направат разлика, затоа ја повикуваме коалицијата СДСМ-ДУИ конечно да се откаже од диктаторските и криминални методи со кои досега остваруваа победа, истакна Таравари

Тој на крајот ги повика вработените во државните институции да си ги бранат работничките права и да не се плашат да го пријават секој случај, напоменувајќи дека сите дополнителни притисоци или прекршување ќе бидат пријавени во ОБСЕ-ОДИХР и во сите дипломатски претставништва.

Коментарите се затворени.