МЗ: Да не се шпекулира со информации за пропусти во изградбата на модуларната болница

Гостивар, 9 септември 2021   Од министерството за здравство упатуваат апел до медиумите и корисниците на социјални мрежи да се воздржат од ширење на непроверени информации во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово. Преку соопштение до јавноста тие наведуваат:

„Откако изутринава се појавија информации во медиумите и на социјалните мрежи дека пропусти при градбата може да се причина за пожарот во модуларната болница во Тетово, Министерството за здравство ја информира јавноста дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.

Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени после технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани.  Ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита.

При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска.

Ковид центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи“ стои во соопштението.

Од Министерството за здравство апелираат да не се шпекулира со ваквите информации, а во меѓувреме се очекува експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа. Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа.

Коментарите се затворени.