Годинава во полошко запленети 56 килограми наркотици
Гостивар, 25 октомври 2021 Од почетокот на годинава во полошкиот регион полицијата запленила 56 килограми наркотични дроги, а на 119 лица им напишала кривични пријави за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Во деветте месеци од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово откриени и пријавени се вкупно 90 кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога (ТЕ-48 и ГВ-42), или откривачката функција е за 25 проценти поголема во споредба со истиот период лани. Овие кривични дела се целосно расчистени и заокружени со 82 кривични пријави (ТЕ-40 и ГВ-42), поднесени до Основните обвинителства во Тетово и Гостивар.
Во овие кривични дела опфатени со пријави вкупно биле инволвирани 119 сторители, (ТЕ-55 и ГВ-64) на различна возраст, во најголем број машки лица, а дури 81 од кривичните пријави се однесувале на „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, додека 9 се однесувале на „овозможување на употреба на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Меѓу пријавените во овој период се среќаваат и повторници, но и малолетници.
Во овој период (јануари-септември) во кривична постапка биле одземени 56 и пол килограми марихуана, хероин, кокаин, хашиш и други наркотични средства.
Коментарите се затворени.