Пештерата „Шаркова дупка“ достапна за туристите.
Маврово, 17 декември 2021 (МИА) Со свечено отворање и презентација на проектот за ставање во употреба, пештерата „Шаркова дупка“ е ставена во туристичката понуда на Национален парк „Маврово“.
На промоцијата беше кажано дека пештерата во селото Маврово, е една од првите туристички уредени пештери во Македонија. Со овој проект, нејзините природни особености сега се полесно достапни со што таа во иднина ќе биде туристички искористена.
– Националниот парк Маврово како управувач со пештерата „Шаркова Дупка“, знаејќи го нејзиниот голем потенцијал за развој на туризмот, презеде соодветни активности за повторно активирање и достапност за посетителите. Како резултат на повикот од „Мрежата на заштитени подрачја – Паркови Динариди, конкуриравме со проектот „Спелео Авантурите – Голема шанса за авантуристичкиот туризам“ презедовме активности за повторно отворање на пештерата, рече директорот на НП „Маврово“ Самир Ајдини.
Отворањето на „Шаркова дупка“ е во партнерство помеѓу НП „Маврово“ со Спелеолошката Федерација на Македонија и локалната невладина организација „Маврово 365“. Покрај реконструкција на внатрешните скали од пештерата, промена на осветлувањето, направена е обука на двајца локални жители за спелео-водичи и изработена е Научна студија за пештерата.
Пештерата „Шаркова дупка“ се наоѓа непосредно пред ски центарот во селото Маврово. Се карактеризира со простор поделен во „голема сала“ и „втора сала“ во кои има голема разноликост на пештерски украси (драперии, сталактити, сталагмити и пештерски корали).
Оваа пештера за прв пат беше уредена е во 2007 година и повремено работеше за потребите на туристите.
згм
Коментарите се затворени.