По тепачката на ски терени во Маврово приведени осум лица.
По тепачката на ски терени во Маврово приведени осум лица.
Гостивар 3 јануари 2022 Осум лица, четворица државјани на Косово и четворица на РСМ се лишени од слобода откако меѓусебно се степале на терените на ски центарот Маврово. Во тепачката во која биле користини и спортски реквизити, две лица се потешко повредени и пренесени на скопски клиники. За дел од учесниците може да бидат поднесени и кривични пријави за насилство. Неофицијално, скршеница на раката здобил македонски кошаркарски репрезентативец. Причината е расправија околу почитување на ред на ски лифт, која прераснала во тепачка.
Според СВР Тетово, полициски службеници од ОВР Гостивар вчера (2 јануари) околу 18 часот и 15 минути ги лишиле од слобода: Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29), Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар. Тие се сомничат дека учествувале во меѓусебна физичка пресметка која околу 14 часот и 50 минути се случила на ски-терените на Бистра во Маврово.
Во пресметка, учесниците користеле тврди предмети (скии, стапови и други реквизити) од што две лица, А.О. (Косово) и С.Ѓ. (Македонија) се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. По укажаната лекарска помош двајца се пренесени на скопски клиники.
Сите инволвирани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвена соодветна пријава.
Коментарите се затворени.