Почнаа подготовките за 9-иот меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“, објавен е конкурсот за учество

Гостивар, 12 февруари 2022 Започнаа подготовките за деветтото издание на традиционалната поетска манифестација во нашиот град. Организаторите на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ ги објавија конкурсот и пропозициите за учество. Заинтересираните автори треба да се пријават до крајот на идниот месец.

На годинешното издание на фестивалот може да учествуваат сите поети од Македонија и Балканските земји во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години. Годинава нема ограничувања во авторскиот ангажман и творбите се на слободна тема.

– Секој учесник конкурира со по три досега необјавени песни, не подолги од 32 реда, на својот мајчин јазик. За учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик задолжително се доставува препев на македонски или на англиски јазик). Песните треба да се достават во WORD документ, наведуваат од одборот за организација на фестивалот.

Покрај личните податоци, секој учесник задолжително треба да достави и адреса и место на живеење, возраст и телефонски број за контакт. Творбите се испраќаат на електронската пошта на фестивалот: [email protected].

– Доставените песни ќе ги оценува тричлена жири-комисија, која ќе одлучува за наградите и ќе изврши селекција на авторите кои ќе бидат застапени во заедничката збирка. Пријавите на авторите кои нема да ги исполнат во целост наведените услови во конкурсот нема да се разгледуваат, појаснуваат од одборот.

Крајниот рок за пријавување е 31 март, 2022 год.

Пропозиции за пријавување на конкурсот

Фестивалот „Литературни искри“ годинава се организира по деветти пат, во чест на 24-ти Мај, Денот на Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

згм

Коментарите се затворени.