Од утре може да се конкурира за социјални станови во Гостивар
Гостивар, 3 март 2022 Граѓаните од општина Гостивар кои се заинтересирани за користење на социјални станови од утре може да поднесуваат документи. Објавувањето на јавниот повик и условите ги соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по неговата посета на Гостивар. Со конкурсот предвидено е да се доделат на користење 70 станови само социјално ранливите семејства од Гостивар.
Министерот Бочварски, придружуван од директорот на АД за изградба и стопанисување на станбен и деловен простор Кристијан Трајковски и заменик министерот Беким Беџети денес изврши увид во социјалната зграда во Гостивар.
– Јавниот оглас ќе трае до 4-ти април и ги повикувам лицата од ранливите категории да аплицираат за социјален стан. Исто така сакам да потенцирам дека само жители на општина Гостивар кои ги исполнуваат критериумите од јавниот оглас ќе можат да аплицираат за социјален стан. Сакам да уверам дека сите апликации ќе бидат земени предвид а становите ќе се распределуваат во транспарентна постапка, рече министерот Бочварски.
Според критериумите на конкурсот може да се пријават:
– Деца над 18 години без родители или родителска грижа кои биле згрижени во институции за деца без родители,
– корисници на право на гарантирана минимална помош,
– лица погодени од елементарни и природни непогоди,
– лица со попреченост и семејства со лица со попреченост,
– лица припадници на ромската заедница, социјално загрозени согласно Стратегијата за Ромите на РСМ,
– самохрани родители со малолетни деца
Министерот Бочварски напомена дека сите документи граѓаните треба да ги да ги поднесуваат до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Гостивар.
Тој потенцира дека во во тек е уште еден многу важен проект за гостиварци.
– Преку Министерството за транспорт и врски вложуваме преку 5 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводни линии на повеќе улици низ градот, како и за изградба на два нови резервоари, со што корист ќе имаат скоро сите жители на Гостивар.
Социјална зграда во Гостивар има 70 станови во две ламели и за неа се вложени седумдесет и девет милиони денари. Нејзината изградба започна во 2017 година.
Коментарите се затворени.