Сите училишта во Гостиварско не работат заради штрајкот на СОНК
Гостивар, 11 април 2022 (МИА) Училишните клупи во сите основни и средни училишта во поширокиот гостиварски регион денес се празни, откако околу 1.500 членови се приклучија на штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Во Гостивар, градинките работеа со намален капацитет и денес во занималните имаше стотина дечиња за кои се грижат вработените со договор на дело.
Потпретседателот на СОНК, Тафа Амети, денес ги посети колегите во сите образовни институции во општините Гостивар и Врапчиште и се сретна со наставниот кадар кој беше на работа, но одржуваше редовна настава.
– Штрајкот се спроведува во сто проценти и не се одвива настава. Засега нема немаме сознанија за притисоци и основачите-работодавачи се коректни. Сакам да искажам благодарност до родителите кои со тоа што не ги испратија децата на училиште ни изразија поддршка. Од нашите колеги добиваме информации дека врз нив не се врши притисок, освен мало недоразбирање околу времето за штрајк во општина Маврово-Ростуше, но тоа во текот на денот ќе се разјасни, рече Тафа Амети по посетата на ОУ „Исмаил Ќемали“ во Гостивар и напомена дека е ова прв штрајк кој е врз основа на барањата на членството и тие како раководство го организирало.
Во гостиварските градинки околу дваесетина лица не се во штрајк, бидејќи како рече Амети тие не се нивни членови и разбирливо е зошто не се приклучија.
Според Амети денес во штрајк членовите од 25 образовни институции и две установи од ресорот на култура, каде СОНК има свои синдикални организации.
Коментарите се затворени.