Шахот во училиште, како, каде и од кога..?!?

Националната шаховска федерација објави дека првачињата оваа година ќе може да учат шах на училиште. Оваа вест всшност ја содржеше информацијата дека Бирото за развој на образованието ја одобри програмата за шах во училиштата. Па така, од септември „древната игра“ ќе биде на листата на изборни предмети во основните училишта во Македонија за децата од прво и второ одделение.

А што значи тоа? Епа едноставно: Покрај ранчињата, новите тетратки, моливчиња, пенкалца, дечињата ќе носат и табла со 64 полиња и 32 црно-бели фигури. Секако, доколку првачињата го одберат шахот за изборен предмет.

Наставата ќе ја вршат одделенските наставници по програма која ја подготви федерацијата и ја одобри Бирото за развој на образованието. Наставниците не треба да се шаховски велемајстори за да може да предаваат, туку ќе бидат обучувани од овластени шаховски тренери.

Придобивките за учениците се многубројни меѓу кои подобрување на концентрацијата и меморијата, математичките вештини и читањето, логичкиот начин на размислување, креативноста и критичкото размислување, градење на аналитички вештини и подобрување на вештините за решавање на проблеми, посочуваат од Шаховската федерација на Македонија.

Шахот во образованието може да донесе големи предности за децата од најмала возраст, тврдат голем број педагози. Македонија ќе стане една од триесетината земји низ светот кои ја воведоа древната игра во училишните клупи.

Кои земји го воведоа шахот во училиштата?

Во регионот, само неколку земји имаат изборен предмет шах. Во Србија шахот е изборен предмет од 2007 година. Во Црна Гора е укинат и повеќе не се изучува, додека пак во Босна и Херцеговина се води дебата дали е потребно да биде дел од образовните програми. Ерменија е засега единствената земја во светот каде шахот е задолжителен предмет во образованието..

Шахот се изучува и во Бугарија. Европскиот парламент во 2012 година ја повика Европската комисија да ги охрабри своите членки да воведат шах во училиштата и да обезбедат средства за тоа. Рецептот ќе го усвои и Грузија која од новата учебна година ќе воведе задолжително изучување на шахот во училиштата.

Коментарите се затворени.