Намалена ефикасност на Апелацискиот суд Гостивар заради помал број на судии

Гостивар, 25 октомври 2022 Апелацискиот суд Гостивар заради помалиот број на судии со соочува намалена ефикасност, но според квалитетот на одлучување по предметите е меѓу најдобрите во земјава. Оценката за работата во првите девет месеци од оваа година ја даде претседателот на судот Беким Мехмеди на средбата со студенти по право и новинарите по повод 25 Октомври Европскиот ден на граѓанска правда.

Во овој суд, кој решава по жалби на пресуди од основните судови Гостивар, Тетово, Кичево и Дебар, годинава примени во работа биле 3.386 предмети, од кои 2.438 се решени.

            – Зголемениот прилив на предмети директно влијае врз ефикасноста. Тоа е така, бидејќи ние имаме помал број на судии од предвиденото со ситематизацијата. Наместо 15 и еден претседател, ние подолго време функционираме со десет судии, вели Мехмеди.

 Тој очекува наскоро да бидат пополнети две судиски места во кривичниот оддел, но како што вели, измените кои се однесуваат на изборот судии ја одолговлекуваат постапката.

 Иако, бројката од нерешени предмети е речиси илјада (948), според првиот човек на гостиварската апелација, судиите при одлучувањето го подигнале квалитетот, односно бројот на потврдени одлуки од Врховниот суд.

            – Можеме да се пофалиме со тенденцијата на подигање на нивото во одлучувањето. Минатата година процентот беше 73%, а годинава заклучно со октомври тој процент е речиси 80% што укажува дека колегите работат стручно и во рок, вели Беким Мехмеди претседател на Апелацискиот суд Гостивар.

 Тој вели дека на ваквиот позитивен тренд влијае и подобреното делување на одделот за судска пракса. Мехмеди очекува подобри резултати со пополнување испразнетите места и инсталирање на современа опрема во судниците, проект кој наскоро треба да започне да се реализира.   

Во Апелацискиот суд Гостивар има 45 вработени од кои четворица судии работат на кривична материја, а седум се на граѓански предмети.

згм

Коментарите се затворени.