„Собрание за граѓаните“ парламентарниот карван помина во Гостивар

Гостивар, 9 ноември 2022 (МИА) – Пратениците од гостиварско денес учествуваа во мобилниот парламентарен карван „Собрание за граѓаните“, како дел од активностите на Собранието на Република Северна Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста.

Tие преку директни средби со граѓаните на градскиот плоштад ги запознаваа со работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми поврзани со законодавниот дом. Низ разговор, народните избраници имаа можност директно да ги слушнат нивните потреби и прашања.

Претседателот на Собранието, Таљат Џафери во обраќањето напомена дека и покрај што пратениците користат канцеларии за средби со граѓаните во општините од каде се избрани, комуникацијата треба да се засили

– Работата во Собранието бара да бидеме присутни таму и сакале или не и не оддалечува од директната комуникација со граѓаните. Овој проект на НДИ е добар начин, одвреме-навреме да излеземе и да бидеме присутни меѓу нашите сограѓани, младите и внимателно да слушнеме кои се нивните потреби и барања, рече Џафери.

Користта од ваквите средби ја истакнаа и пратениците Халил, Снопче, Дафина Стојаноска и Драгољуб Филипоски и во нивните обраќања посочија примери на соработка и за застапувањето на граѓаните.

Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку швајцарска амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

згм

Коментарите се затворени.