Денес се празнува 8 Декември во чест на патронот на МПЦ ОА, Свети Климент Охридски – Чудотворец
Гостивар, 8 декември 2022 Македонската православна црква – Охридска Архиепископија денеска го чествува денот на својот патрон, првиот словенски епископ, Свети Климент Охридски – Чудотворец.
Охрид, Свети Климент и неговиот Универзитет станале граница меѓу двете големи јазично-културни цивилизации: грчката и латинската, и се издигнала третата – словенската, јазично-културна цивилизација. Оттаму Свети Климент Охридски со право се нарекува наш најголем светител, просветител и учител, кој го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер и првосвештеник
Се претпоставува дека се родил во периодот од 830 до 840 година, а поради блискоста со Свети Методиј, најверодостојна и најподдржана е тезата дека тој потекнувал од Македонија, или од Струмичкобрегалничката област, или од Охрид, Бил дел од Моравската мисија, на своите духовни отци и учители, Светите Методиј и Кирил. По напуштањето на Моравија, заедно со Наум и Ангелариј, Климент преку Белград дошол кај бугарскиот цар Борис во Плиска, од каде во 886 годиан заминал за Кутмичевица, започнувајќи го најплодниот дел од својот живот.
Во чест на овој светец се доделува и Државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.
Годинава наградата ќе му биде доделена на универзитетскиот професор доктор Африм Османи. Наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на писателот – академик Влада Урошевиќ и на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува на кардиохирургот професор доктор Сашко Јовев.
Коментарите се затворени.